Apple подготвува значајни промени во iOS кои би можеле да стават крај на долгогодишната фрустрација кај корисниците на паметни часовници од други технолошки гиганти, како што се Garmin и Huawei.
Според првичните забелешки на корисници во Европа, интеграцијата на уреди од трети страни, како часовниците Huawei и Garmin, веќе е значително подобрена, но тоа не е сè.
Сопствениците на одредени модели наведуваат дека нивните часовници сега можат стабилно да комуницираат со iPhone дури и кога придружните апликации, како Garmin Connect или Huawei Health, не се активни во позадина.
Досега оваа привилегија ја имаше исклучиво Apple Watch, додека другите уреди ја губеа врската и известувањата веднаш штом корисникот ќе ја затвореше апликацијата, што не даваше соодветни резултати при следење активности.
Овие промени не се резултат на интерна одлука на компанијата, туку последица на регулаторниот притисок од Европската Унија.
Законот за дигитални пазари (DMA) ги обврза големите технолошки компании да овозможат поголема интероперабилност и порамноправен пристап до платформите, што му наметна на Apple прилагодувања во начинот на кој iOS комуницира со надворешни уреди.
Поголеми новини се очекуваат со следното ажурирање на системот, најверојатно верзијата iOS 26.3.
Новата функција „Notification Forwarding“ треба да го стандардизира препраќањето на известувања од iPhone кон паметни часовници од други производители, со сигурност и брзина какви што моментално ги нуди само Apple Watch.
За корисниците кои преферираат уреди од Huawei или Garmin, но не сакаат да се откажат од iPhone, овие измени претставуваат најзначаен исчекор во последните неколку години.








