домаМакедонијаИнтервју, Божиновска: Почнавме од нула, сега сме гасно поврзани со Грција и...

Интервју, Божиновска: Почнавме од нула, сега сме гасно поврзани со Грција и Србија, имаме инвестиции во МЕПСО, интерконекција со Албанија…

- Advertisement -spot_img

Новите гасни поврзувања со Грција и Србија, инвестициите во МЕПСО, интерконекцијата со Албанија, планирањето на енергетските капацитети и поддршката за ранливите домаќинства се меѓу приоритетите на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Во септември и почетокот на октомври овие активности добија и силна меѓународна димензија, преку приклучувањето кон Вертикалниот гасен коридор и министерската соработка во регионот.

Во интервјуто, министерката Сања Божиновска говори за придобивките од овие проекти, новите закони, надлежностите на институциите и економската вредност на домашните ресурси. Таа се осврнува и на создавањето на Министерството од самиот почеток, како и на прозивките со кои Левица ја образложува интерпелацијата која е на дневен ред кон крајот на овој месец.

Во изминатиот месец бевте активни и на домашен терен и на регионалните енергетски средби. Кои конкретни резултати би ги издвоиле и што ќе значат тие за граѓаните и компаниите?

-Најважно е што истовремено работиме на инфраструктурата, правилата за инвестирање и непосредната поддршка за граѓаните. Новите енергетски врски треба да обезбедат повеќе можности за снабдување, посилната мрежа да го поддржи развојот на економијата, а програмите за ранливите потрошувачи да им помогнат на семејствата на кои енергетските трошоци им претставуваат најголем товар.

Во септември, во Солун, го формализиравме приклучувањето кон Вертикалниот гасен коридор. Заедно со Србија влегуваме во поширока регионална рамка што ги поврзува гасните системи на девет држави. Тоа е значајно затоа што нашите интерконектори добиваат поширока европска функција: отвораат пристап до нови извори и создаваат можност Македонија да учествува и во транзитот на гас.

Во Белград, на почетокот на октомври, продолживме со вториот министерски состанок на Македонија, Србија, Грција и Бугарија. Овој четиристран формат, започнат во мај, воспоставува редовна соработка меѓу две членки на ЕУ и две земји кандидати. Разговорите ги поврзуваме со конкретните задачи на операторите, со роковите на проектите и со поддршката што ни е потребна за европската енергетска интеграција.

На домашен план го издвојувам решавањето на долгогодишното имотно прашање со трафостаницата Дуброво. По моја иницијатива ја интензивиравме координацијата меѓу надлежните институции и МЕПСО, а објектите се запишани во сопственост на компанијата. Со тоа се обезбедува поцврста правна основа за инвестициите во овој важен дел од преносната мрежа.

Во септември објавивме и над 500 нови ваучери за инвертер-клими за опфатените ранливи категории. Тие се надоврзуваат на распределбата на 4.070 ваучери по претходниот повик, која ја спроведуваме годинава. Паралелно ги оценуваме иницијативите за нови енергетски објекти и работиме на законските решенија за геологија и рударство.

Во секоја од овие области целта е резултатот да има практична вредност: посигурно снабдување, предвидливи услови за стопанството и поддршка што стигнува до граѓаните.

Во јавноста често се мешаат надлежностите на Министерството, ЕСМ, МЕПСО, НОМАГАС и РКЕ. Каде е Вашата директна одговорност и зошто е важна оваа поделба?

-Поделбата е утврдена со закон и мора да се почитува. Министерството ги подготвува енергетските политики, законските решенија и развојните планови, ги води постапките од својата надлежност и ги спроведува програмите за поддршка. Одговорни сме и за политиките во рударството, геологијата и управувањето со минералните ресурси, како и за координацијата на енергетските инвестиции.

Во однос на компаниите, Законот за енергетика прави суштинско разграничување. Со член 134 е утврдено дека Министерството е сопственик на операторот на електропреносниот систем, МЕПСО, а со член 205 и на операторот на системот за пренос на гас, НОМАГАС. Во тие друштва ги остваруваме законските сопственички овластувања, додека нивните органи на управување и надзор ги носат одлуките за работењето согласно закон.

ЕСМ е во сопственост на Владата. Министерството не управува со ЕСМ, не ги спроведува неговите тендери и не ги носи неговите комерцијални одлуки. Членовите 133 и 204 го уредуваат сопственичкото раздвојување, односно одвоеноста на управувањето со преносните системи од производството и снабдувањето. Тоа е принципот познат како „unbundling“, кој треба да обезбеди независни оператори и еднаков пристап до мрежите.

Токму поради оваа одвоеност, не учествувам во владиното одлучување за прашањата во кои Владата ги остварува сопственичките права во ЕСМ. Оваа практика е документирана и во постапката за сертификација на МЕПСО. Почитувањето на таа граница е законска обврска.

РКЕ е независно регулаторно тело. Согласно член 48 од Законот за енергетика, нејзиниот претседател и членовите ги именува и разрешува Собранието. Министерството не ги именува и не им ги диктира одлуките. Регулаторните одлуки за цените и тарифите се носат во рамките на овластувањата на РКЕ, а ЕСМ ја утврдува својата понуда за продажба на електрична енергија во соодветната постапка.

Мојата одговорност за енергетската политика е јасна. Исто толку јасна мора да биде и одговорноста на секој управен одбор, надзорен одбор, оператор и регулатор. Само така јавноста може да добие точен одговор кој ја донел конкретната одлука и кој одговара за неа.

МЕПСО добива поголемо место во Вашите активности. Што се менува во преносната мрежа и каква придобивка ќе донесе шант-реакторот во Дуброво?

-Преносната мрежа е основа за секоја посериозна развојна амбиција во енергетиката. Ако сакаме нови производни капацитети, посилна индустрија и поголема размена со соседите, потребна е мрежа што може сигурно да го поднесе тоа оптоварување. Затоа работата со МЕПСО ја насочуваме кон инвестиции, отстранување на административните пречки и долгорочно планирање.

Дуброво е конкретен пример за тоа како институционалната иницијатива може да придвижи долго нерешено прашање. Станува збор за трафостаница од 400/110 киловолти, изградена во 1977 година, со значење за домашното снабдување и за прекуграничните врски. По моја иницијатива го отворивме прашањето за нејзиниот имотен статус и ја засиливме координацијата со МЕПСО и надлежните институции. Со заедничка работа стигнавме до запишување на објектите во сопственост на компанијата.

За мене е важно ваквите проблеми да добијат разрешница. Уредениот имотен статус ја зајакнува правната сигурност и создава подобри услови за вложување во државната инфраструктура. Тоа е работа што можеби не се гледа веднаш на сметката за струја, но е неопходна за системот да се развива.

Во Дуброво се планира и инсталирање шант-реактор, со пуштање во работа предвидено за почетокот на 2027 година. Тоа е опрема што помага да се контролира напонот во преносниот систем, особено во периоди на пониска потрошувачка кога може да се појават пренапони. Со апсорбирање на вишокот реактивна енергија, реакторот придонесува за постабилни напонски услови и за заштита на опремата.

Покрај тоа, реконструкцијата на командната зграда во Дуброво е дел од поширок проект што опфаќа три трафостаници од 400/110 киловолти и пет од 110 киловолти. Се работи и на имотно-правните прашања во Бунарџик, важни за планираниот далекувод Бунарџик–Миладиновци, како и на подготовката на мастер-планот за развој на мрежата.

Посебно значење има и интерконекцијата со Албанија, преку 400-киловолтниот далекувод од Битола кон албанската граница и поврзувањето со Елбасан. Проектот ја дополнува регионалната поврзаност на нашиот систем и создава услови за поголема размена на електрична енергија. МЕПСО е носител на реализацијата, а Министерството ја обезбедува поддршката во рамките на своите надлежности.

Со овие активности ја подготвуваме мрежата за новото производство, потребите на индустријата и регионалниот пазар. Тоа е долгорочна инвестиција во сигурноста на снабдувањето.

До каде се гасните интерконектори со Грција и Србија и зошто паралелно работите на пазарот на гас и на можноста за користење водород?

-Со овие проекти ја прошируваме можноста Македонија да избира од каде и по кој правец ќе се снабдува. Досегашната зависност од една влезна гасна врска ја ограничува флексибилноста. Поврзувањето со Грција, а потоа и со Србија, создава услови за пристап до повеќе извори, до ЛНГ-терминалите преку грчкиот систем и до поширокиот европски пазар.

Интерконекторот со Грција е во изградба. Во Белград информирав дека се заварени околу 30 од вкупно 67 километри на македонската делница. Целта е завршување во 2027 година, со почетен капацитет од 1,5 милијарди кубни метри годишно. Внимателно ја следиме динамиката, затоа што по заварувањето следуваат и други градежни, технички и испитни активности.

Во јули, со претставници на НОМАГАС и на грчкиот оператор ДЕСФА, направивме заеднички увид на трасата. На посетата ѝ претходеа работни состаноци со раководствата на двата оператори. Заедничката оценка беше дека проектот напредува и дека постојат услови за засилена динамика. Ваквата непосредна координација помага проблемите да се решаваат навреме и да се усогласува работата од двете страни на границата.

За македонскиот дел од интерконекторот со Србија е потпишан договор за проектирање и изградба од 29,4 милиони евра. Предвидени се 22,4 километри, двонасочен проток и капацитет од 1,4 милијарди кубни метри годишно. Со поврзувањето на јужниот и северниот правец се отвора и можност за транзитна улога на нашата земја.

Паралелно, на иницијатива на Министерството, го придвиживме процесот за воспоставување оператор на пазарот на природен гас преку МЕМО. Во септември Владата ги усвои соодветните заклучоци. Министерството ја координира подготовката, затоа што инфраструктурата треба да биде придружена со организиран пазар, јасни правила и услови за конкуренција.

Новите гасни врски ги планираме и со поглед кон следната генерација технологии. Интерконекторот со Грција е проектиран за иден транспорт на водород, а таква подготвеност е предвидена и за врската со Србија. Во јули ја завршивме првата сеопфатна национална Водородна студија, со техничка помош финансирана од ЕУ преку ИПА II и Инвестициската рамка за Западен Балкан. Таа ги разгледува производството, транспортот, складирањето и употребата на зелен водород. Така денешните вложувања ги усогласуваме со идните потреби на индустријата и европскиот енергетски пазар.

Годинава остваривте средби во Вашингтон, Виена, Женева и Приштина, како и во Грција и Србија. Како тие контакти се претвораат во конкретна поддршка за Македонија?

-Меѓународната соработка ја водиме со јасна домашна агенда. Нам ни се потребни посигурни извори на снабдување, финансиска и техничка поддршка за инфраструктурата, нови технологии и партнери што ги разбираат нашите развојни приоритети. Кога ќе воспоставите таква агенда, средбите добиваат континуитет и конкретни следни чекори.

Во Вашингтон, во април, потпишавме меморандум со САД за унапредување на сигурноста на снабдувањето со природен гас. Разговаравме со претставници на американската администрација и со „Chevron“ за диверзификацијата и можностите за соработка. Тоа создаде дополнителна основа за работата на регионалните гасни врски и за разговорите со потенцијални партнери.

Во Виена, како дел од владината делегација, ги претставивме можностите за економска и енергетска соработка. Во септември ја продолживме таа работа на Македонско-австрискиот бизнис-форум во Скопје, со теми како модернизација на мрежата, складирање енергија и енергетска ефикасност. Во Женева, на средбите во рамките на UNECE, фокусот беше врз одржливото управување со ресурсите и стручната соработка.

Во Приштина учествувавме во работата на Енергетската заедница и разговаравме за унапредување на билатералното партнерство. Важни беа и разговорите во Делфи со ДЕСФА за гасното поврзување и пристапот до грчката инфраструктура. Дел од тие контакти потоа продолжија со работни состаноци и теренска посета во Македонија.

Меморандумите што ги потпишавме опфаќаат повеќе партнерства: со Србија за изградба на гасната интерконекција, со Косово за соработка во енергетиката, рударството и минералните суровини, со САД за сигурноста на снабдувањето со природен гас и со Хрватска за соработка во енергетскиот сектор. Секој од нив поставува рамка за работа на конкретни заеднички приоритети, од инфраструктурно поврзување и сигурност на снабдувањето до размена на знаења и институционална поддршка.

Соработката ја проширивме и со академската заедница, преку меморандуми со Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, како и со ФЕИТ и ФИНКИ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Така создаваме основа за заеднички истражувања, примена на научните сознанија и вклучување на младите стручни кадри во развојот на секторот. За мене, вредноста на овие меморандуми се потврдува преку активностите и резултатите што следуваат по потпишувањето.

Посебно го издвојувам четиристраниот министерски формат со Грција, Србија и Бугарија. Првата средба од ваков тип се одржа во мај во Атина, а втората во октомври во Белград. Со тоа воспоставивме механизам преку кој министрите и операторите редовно разговараат за истите проекти и за нивната реализација. Разговаравме и за поддршката од партнерите од ЕУ за нашите енергетски приоритети пред европските институции.

Мојата задача е македонските потреби да бидат јасно претставени и договореното да има продолжение во работата на институциите. Резултатот треба да се види во подобро подготвен проект, усогласена прекугранична врска, техничка помош или пристап до финансирање.

За 2027 година се поднесени над 800 иницијативи за енергетски објекти. Како ќе обезбедите инвестициите во сонце, ветер и батерии да го зајакнуваат системот и што носи новиот закон за обновливи извори?

-Со новиот Закон за енергетика воспоставивме поуреден модел на планирање на изградбата на енергетски објекти. Преку годишните планови го разгледуваме инвестицискиот интерес во заедничка рамка со потребите на системот. За Планот за 2027 година пристигнаа повеќе од 800 иницијативи од приватни и државни инвеститори и работиме на нивната евалуација.

Тоа покажува сериозен интерес, но поднесена иницијатива е почеток на постапката. Потребно е да се проверат документацијата, усогласеноста со плановите и можностите за приклучување. За техничките услови своја улога имаат мрежните оператори. Нашата цел е инвеститорот навреме да знае што може да реализира, каде постојат ограничувања и какви обврски треба да исполни.

Значаен чекор е и донесувањето на посебниот Закон за користење на енергијата од обновливи извори. Со него се уредуваат важни прашања за производителите и потрошувачите, мерките за поддршка, гаранциите за потекло и енергетските заедници. Граѓаните, општините и компаниите добиваат законска рамка за поактивно учество во производството и користењето чиста енергија.

Законот предвидува и современи механизми за поддршка, меѓу кои двонасочни договори за пазарно порамнување на разликата. Нивната цел е да обезбедат поголема предвидливост за инвестициите, со механизми што го штитат јавниот интерес и при високи пазарни цени. Следната задача е доследна примена на законската рамка и функционални постапки.

На соларната конференција во септември нагласив дека развојот на производството мора да оди заедно со развојот на мрежата и складирањето. Соларните електрани произведуваат најмногу во одредени часови, додека потрошувачката има поинаков распоред. Батериските системи овозможуваат дел од таа енергија да се зачува за подоцна и да се подобри флексибилноста на системот.

Во истиот период беше одбележано и финансиското затворање на првата фаза од ветерниот парк кај Штип. Таквите приватни вложувања се дел од поширокиот развој на домашното производство, а обврска на институциите е да обезбедат еднакви правила и почитување на техничките и еколошките услови. Предвидливата постапка е важна и за инвеститорот и за заштитата на јавниот интерес.

Како ги поврзувате големите планови за енергетска транзиција со работата на терен и со знаењето на домашните стручни лица?

-Енергетската политика мора да се темели на реалното функционирање на системот. Затоа ми е важно колегите од Министерството што работат на планови, програми и постапки да имаат непосреден контакт со инженерите, операторите и луѓето што секојдневно ја одржуваат инфраструктурата.

Во септември, заедно со вработени од Министерството, ја посетивме ХЕ „Вруток“. Таквите посети овозможуваат подобро да се разберат технологијата, улогата на хидроенергијата и практичните предизвици со кои се соочува кадарот. Тоа знаење е корисно за подготовката на политики и за секторската координација, при почитување на самостојната одговорност на компаниите за нивното работење.

Во истиот месец со партнерите ја разгледувавме и Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција. Ажурираното портфолио опфаќа 81 проект со вредност од околу 1,77 милијарди евра, а за проекти вредни околу 460 милиони евра е обезбедено финансирање. Тоа се проекти во различни фази, па нашиот фокус е врз подготовката, меѓусебната усогласеност и следењето на реализацијата.

Праведната транзиција бара внимание и кон луѓето. Новите технологии носат потреба од нови вештини во управувањето со мрежите, складирањето енергија, дигитализацијата и одржувањето. Затоа ја продлабочуваме соработката со универзитетите и стручните институции и отвораме простор младите инженери да се вклучат во секторот.

За мене, добра политика е онаа што ги поврзува инвестицијата, инфраструктурата и знаењето потребно таа да функционира. Со таков пристап расте и домашниот капацитет за управување со енергетскиот развој.

Колкава е поддршката со инвертер-клими и што суштински менувате во заштитата на енергетски сиромашните домаќинства?

-Поддршката е поширока од септемвриската распределба. Во март годинава започнавме со распределба на 4.070 ваучери по Јавниот оглас за 2025 година. Ваучерот овозможува набавка и вградување инвертер-клима од 3,5 киловати, со најмалку енергетска класа А+, во вредност до 28.000 денари, без дополнителна доплата од корисникот.

Во септември ги објавивме и списоците со над 500 нови ваучери во рамките на Програмата за 2026 година. Тие се наменети за домаќинства со лица што користат надоместок заради попреченост и за домаќинства со деца со попреченост што користат посебен додаток, согласно условите на програмата. Само овие две постапки опфаќаат над 4.570 ваучери чија реализација се одвива годинава.

Овде Министерството има непосредна одговорност: од подготовката на програмата и постапката до информирањето на корисниците и условите за искористување на поддршката. Доделениот ваучер треба да се претвори во поставен и функционален уред во домот. Затоа ги повикуваме добитниците навреме да ја завршат постапката, во рамките на објавениот рок до 15 октомври.

Со новиот Закон за енергетика за првпат ја дефиниравме енергетската сиромаштија, а донесена е и методологија за нејзино мерење. Со тоа воспоставуваме основа мерките да се насочуваат според утврдени потреби и показатели. Енергетската сиромаштија се однесува и на можноста семејството да обезбеди соодветно греење и основни енергетски услуги, во зависност од приходите, трошоците и состојбата на домот.

Затоа енергетската ефикасност има и социјално значење. Подобриот уред може да ја намали потребната потрошувачка за загревање на просторот и да ги подобри условите за живеење. Нашата цел е поддршката да биде достапна и правилно насочена, а нејзиниот ефект да се следи во реалниот живот на корисниците.

Зошто Ви се важни геолошките истражувања, дваесетгодишната стратегија за минералните суровини и заштитата на македонскиот рубин? Како тие се поврзуваат со економскиот развој?

-Државата треба да располага со современи и систематизирани сознанија за своето природно богатство. Без такви податоци тешко се носат добри одлуки за просторното планирање, заштитата на ресурсите или можностите за нивно одржливо користење. Затоа сакаме поцелосна геолошка слика на целата територија и подобра соработка меѓу институциите што го поседуваат тоа знаење.

Донесената Стратегија за геолошки истражувања и одржливо искористување на минералните суровини за периодот 2026–2046 дава долгорочна рамка за оваа работа. Дваесетгодишното планирање е важно затоа што истражувањата, инвестициите и заштитата на ресурсите бараат континуитет. Со стратегијата можеме појасно да ги поврземе научните сознанија, економските потреби и обврските кон животната средина.

Проспекциските истражувања служат за почетно утврдување и процена на геолошкиот потенцијал. Тие сами по себе не претставуваат одлука за отворање рудник и не ги заменуваат постапките и дозволите за евентуална експлоатација. Тоа разграничување мора јасно да им се објасни на граѓаните, за да знаат која активност се спроведува, што може да покаже и кои одлуки би следувале понатаму.

На почетокот на октомври со Геолошкиот завод и Универзитетот „Гоце Делчев“ разговаравме за геотермалниот потенцијал, критичните минерални суровини и можностите за заеднички истражувачки проекти преку „Хоризонт Европа“. Инициравме и подготовка на каталог на минералните ресурси. Министерството ја координира соработката, а стручните и научните институции ја обезбедуваат истражувачката основа.

Македонскиот рубин покажува како тоа знаење може да создаде дополнителна економска вредност. Со решението од 17 јуни е заштитен географскиот назив „Македонски рубин“, а во септември продолживме со активностите за стручна контрола на квалитетот и посебните својства. Заштитеното потекло и потврдениот квалитет отвораат можности за домашните обработувачи, занаетчии, дизајнери и туристички понуди.

Пошироко, рударскиот комплекс создава работа и за инженерски компании, лаборатории, транспорт, сервисни дејности и домашни добавувачи. Важно е поголем дел од вредноста да останува во земјата преку знаење, преработка и производи со повисока вредност. Тој развој мора да оди со соодветна наплата за користење на ресурсите, безбедност при работа и почитување на еколошките услови.

Левица ја образложува интерпелацијата со оценка дека Министерството нема резултати. Што им одговарате и што сметате дека се изоставува од таа оценка?

-Жал ми е што во таа оценка не ја препознаваат работата што е направена. Правото на критика го почитувам, но оценката за едно министерство треба да се темели на неговите законски надлежности и на проверливите резултати. Кога во иста политичка порака ќе се измешаат Министерството, ЕСМ, РКЕ и договори од претходни периоди, јавноста добива погрешна слика за тоа кој што одлучува.

Нашата работа може конкретно да се провери. Донесен е нов Закон за енергетика, а потоа и посебен Закон за користење на енергијата од обновливи извори. Воспоставивме годишно планирање на новите енергетски објекти. Донесена е и дваесетгодишната стратегија за геолошки истражувања и одржливо искористување на минералните суровини. Тоа се основни документи што ја насочуваат работата на секторите за кои сме надлежни.

Во делот на подготвеноста за ризици, ја финализиравме националната процена за сигурноста на снабдувањето со гас, според европските правила. Со неа се разгледуваат ризиците, можните прекини и механизмите за реакција. Ја изработивме и првата сеопфатна национална Водородна студија, со поддршка од Европската Унија, за навреме да ги согледаме можностите што ги носат новите технологии.

Има конкретна работа и во инфраструктурата. По долгогодишниот прекин, продуктоводот Солун–Скопје повторно е во функција, со што е обезбедена дополнителна транспортна можност за снабдување со нафтени деривати. Продолжува реализацијата на електроенергетската интерконекција со Албанија. Се гради гасниот интерконектор со Грција, потпишан е договорот за македонскиот дел од врската со Србија, а приклучувањето кон Вертикалниот коридор им дава поширока регионална перспектива на овие вложувања. Компаниите ги реализираат проектите, а Министерството ја врши својата законска, координативна и меѓународна улога.

Видлива е и меѓународната работа. Потпишавме меморандуми со Србија, Косово, САД и Хрватска, а преку меморандумите со универзитети и факултети ја продлабочивме и соработката со академската заедница. Ја засиливме соработката со телата на ОН и со Енергетската заедница и воспоставивме редовен министерски дијалог со соседните земји. Во исто време спроведуваме програми за ранливите потрошувачи и работиме на подобра контрола на користењето на природните ресурси.

Постои и уште еден важен контекст. Ова Министерство го создававме од самиот почеток. Во првите неколку месеци немавме ни сопствена зграда. Требаше да обезбедиме простор, да формираме тимови, да ја воспоставиме организацијата и да создадеме технички и административни услови за работа. За институција со вакви надлежности се потребни стручни луѓе, опрема, постапки и функционални системи. Истовремено, обврските кон граѓаните, компаниите и меѓународните партнери продолжуваа секој ден.

Затоа, кога зборуваме за сработеното, треба да се согледа и создавањето на институционалниот капацитет што ќе ѝ служи на државата долгорочно. Во септември Министерството оствари 100 проценти според Индексот на активна транспарентност на Центарот за граѓански комуникации. Тоа е конкретна оценка за проактивното објавување информации и обврска тој стандард да го одржуваме.

Подготвена сум за сериозна парламентарна расправа и за одговорност за секоја одлука што е во моја надлежност. Но тврдењето дека нема резултати не може да опстои ако се разгледаат законите, програмите, документите и придвижените проекти. За нив постојат податоци и јасни институционални траги.

Во прозивките се наведуваат долг на ЕСМ поголем за 17 милиони евра, неговите тендери и маржата од 9,9 проценти на универзалниот снабдувач. Дали тие прашања можат да Ви се припишат како директна одговорност?

-Не можат автоматски да ми се припишат одлуки што не ги носам и постапки во кои немам законско право да управувам. ЕСМ има Управен и Надзорен одбор, а сопственичките права ги остварува Владата. За неговите набавки, договори, финансиски обврски и продажни понуди одговараат надлежните органи на компанијата. Законот бара Министерството, како сопственик на преносните оператори, да биде одвоено од управувањето со производителот.

За бројката од 17 милиони евра треба да се побара точна финансиска споредба од ЕСМ: на кој период се однесува, какви обврски се вклучени и што ја предизвикало промената. Тоа е начин да се утврдат фактите. Самото наведување износ во партиско соопштение не утврдува ниту причина ниту лична одговорност на министерката.

Кај универзалниот снабдувач важна е и хронологијата. Владината одлука за избор на понудата на ЕВН е донесена на 16 април 2024 година, пред формирањето на ова Министерство и пред моето стапување на функцијата. Маржата од 9,9 проценти произлегува од тендерската постапка за избор на универзален снабдувач. Тоа е бруто снабдувачка маржа, која не треба да се изедначува со нето-профит на компанијата. Јас не сум ја утврдила таа маржа.

И кај цените мора да се почитува поделбата на улогите. ЕСМ ја формира својата понуда за електрична енергија, а РКЕ ги врши законските регулаторни овластувања во однос на тарифите и проверката на пресметките на универзалниот снабдувач. Министерството не ја утврдува крајната цена на струјата за домаќинствата и не смее да ги диктира независните регулаторни одлуки.

Мојот однос кон контролата на јавните средства е јасен. Уште по преземањето на функцијата побарав од Државниот завод за ревизија проверки во секторот. Во септември со главниот државен ревизор Максим Ацевски ги разгледувавме наодите и потребата препораките да добијат конкретни мерки, рокови и одговорни лица. Барањето независна проверка е дел од одговорното постапување во рамките на институционалните овластувања.

Отворена сум за дијалог заснован на документи. Но не прифаќам на ова Министерство да му се припишуваат туѓи тендери или одлуки донесени пред неговото формирање. Одговорноста мора да се утврдува според законот, конкретната постапка и лицата што одлучувале.

Левица тврди и дека концесиските надоместоци се ниски и дека граѓаните не се слушаат при геолошките истражувања. Што покажува Вашето постапување во оваа област?

-Најнапред, ги зголемивме концесиските надоместоци до 100 проценти со новиот тарифник што се применува од 1 јануари 2025 година. Ги засиливме контролите и постапувањето кон концесионерите што не ги исполнуваат обврските. Веќе има над 40 одземени концесии поради утврдени нерегуларности. Тоа покажува дека користењето на природните ресурси го врзуваме со обврски што мора да се исполнуваат.

Резултатот се гледа и во наплатата. Во 2025 година се наплатени над 1,22 милијарди денари по основ на концесиски надоместоци за експлоатација, наспроти околу 561,5 милиони денари во 2024 година. Тоа е повеќе од двојно повисока наплата. Во првата половина од 2026 година наплатата изнесува околу 573,9 милиони денари, што значи дека се задржува повисокото ниво постигнато по промените.

За нас е основно сè што се користи од македонското природно богатство да биде соодветно платено и да се почитуваат условите за заштита на животната средина. Плаќањето надоместок не ослободува од еколошките обврски. Контролите, проверката на договорите и постапувањето по неправилностите мора да одат заедно.

Во однос на геолошките истражувања, граѓаните имаат право на јасно објаснување. Истражувањето треба да ни даде сознание што поседуваме како држава. Од него не произлегува автоматско право за отворање рудник. За евентуална експлоатација постојат посебни постапки и услови, вклучително и оние за животната средина и учеството на јавноста.

Со подготовката на законските решенија за геологија и рударство работиме и на појасни правила. Потребни се повеќе практични работилници со општините, стручната јавност, компаниите и граѓанските организации, во соработка и со европските партнери. Луѓето треба навреме да разберат што се менува, која институција е надлежна и како можат да учествуваат во постапките.

Транспарентноста тука е неопходна. Затоа се објавуваат регистрите и информациите за концесиите, а од институциите се очекува да даваат образложени одговори за секој конкретен случај. Развојот има смисла кога создава работа и приходи за земјата, со одговорно користење на ресурсите и почитување на луѓето што живеат во тие средини. Тоа е пристапот што го спроведуваме и за кој сум подготвена да дадам отчет.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img