Задолжувањето на компаниите поврзани со вештачката интелигенција нагло се намалило во септември, бидејќи инвеститорите стануваат повнимателни кон големите финансиски обврски и неизвесните приноси од технолошките инвестиции, објави денеска „Фајненшл тајмс“.
Според податоците на инвестициската банка „Морган Стенли“, компаниите поврзани со развојот на вештачката интелигенција во септември прибрале околу 23 милијарди долари преку задолжување, што е повеќе од двојно помалку во споредба со август. За споредба, во јуни финансирањето достигнало рекордни 113 милијарди долари.
Значително забавување е забележано и на американскиот пазар на корпоративни обврзници со инвестициски кредитен рејтинг. Во септември немало нови издавања на обврзници поврзани со вештачката интелигенција во овој сегмент, откако во првите осум месеци од годината биле прибрани околу 306 милијарди долари.
И покрај забавувањето, вкупното финансирање на секторот останува на историски високо ниво. Според проценките, компаниите годинава прибрале околу 466 милијарди долари преку различни форми на задолжување, во споредба со 101 милијарда долари во 2025 година.
Загриженоста на инвеститорите е поврзана со големите трошоци за изградба на центри за податоци, набавка на чипови и развој на напредни системи за вештачка интелигенција. Дополнителен предизвик претставуваат повисоките каматни стапки, кои го поскапуваат задолжувањето на компаниите.
Меѓу најголемите најавени финансиски аранжмани се пакет од околу 60 милијарди долари поврзан со „Бродком“ и „Антропик“, како и планот на „Спејс екс“ за прибирање 40 милијарди долари за набавка на чипови од „Нвидиа“.
Аналитичарите предупредуваат дека големиот раст на задолжувањето, во комбинација со неизвесноста околу идните приходи, може да создаде дополнителни ризици за финансиските пазари. Забавувањето на финансирањето укажува на зголемена претпазливост кај инвеститорите по повеќегодишниот инвестициски бум.






