Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во август 2026 година изнесува 0,4 отсто во однос на јули, соопшти Државниот завод за статистика.
Најголемо зголемување на трошоците на животот е забележано во групата „Рекреација, спорт и култура“ од 3,1 отсто, по што следуваат „Ресторани и услуги за сместување“ со 2,5 отсто и „Лична нега, социјална заштита и разновидни стоки и услуги“ со 0,6 отсто.
Храната и безалкохолните пијалаци поскапеле за 0,5 отсто, покуќнината, опремата за домаќинствата и редовното одржување на домаќинствата за 0,4 отсто, а домувањето, водата, електричната енергија, гасот и другите горива за 0,2 отсто.
Од друга страна, намалување на трошоците е регистрирано кај транспортот од 0,8 отсто и кај облеката и обувките од 0,3 отсто.
Во август, трошоците во здравствената заштита, алкохолните пијалаци, тутунот и наркотиците, информациите и комуникациите, услугите за образование, како и осигурувањето и финансиските услуги останале на исто ниво како и претходниот месец.
На годишно ниво, односно во август 2026 во однос на август 2025 година, трошоците на животот се зголемени за 2,6 отсто, додека индексот на цените на мало бележи раст од 2,3 отсто.






