Поранешниот италијански напаѓач Игор Проти (58) претстави филм за својата кариера наречен „Игор. Романтичниот херој на фудбалот“, кој се прикажува во кината од пред некој ден.Во интервју за Скај, Проти зборуваше и за својата борба со ракот на дебелото црево, дијагностициран пред десет месеци, велејќи: „Учам повторно да одам, исто како дете“. Проти, роден во 1967 година, одигра 669 настапи во кариерата и постигна 257 гола, а во сезоната 1995/96 беше најдобар стрелец во Серија А, пишува Goal.com.
„Се борам со подмолниот противник веќе десет месеци. За жал, ова патување ми донесе и неколку компликации кои малку ме забавуваат“, изјави Проти и додаде: „Неодамна имав уште една операција и, по 20 дена во кревет, повторно почнувам да одам. Се обидувам да се опоравам. Многу навивачи ми испраќаа пораки за поддршка и солидарност, охрабрувајќи ме да се борам и да не се откажувам. Тоа покажува дека фудбалот е огромна заедница што понекогаш нè дели, но всушност нè обединува под знамето на истиот тим“.
Легендарниот фудбалер раскажа и една ситуација која ја имал со трофејниот италијански стручњак, Ариго Саки.
„Кога бев момче, Саки беше мој тренер и ми рече дека, со оглед на моите способности, мојот максимум беше Серија Ц. Сепак, со секојдневна напорна работа успеав да станам најдобар стрелец во Серија А. Саки беше во право тогаш: гледајќи го тој играч, Серија Ц беше навистина неговиот максимум. Тоа докажува дека со волја, решителност и жртва, можете да ги поместите границите што изгледаат недостижни“, заклучи поранешниот напаѓач на Римини, Ливорно, Вирешито, Месина, Бари, Лацио, Наполи и Реџана.








