HomeШоубизХороскопите како долгогодишна дезинформација: Науката против астрологијата

Хороскопите како долгогодишна дезинформација: Науката против астрологијата

- Advertisement -spot_img

Астрологијата со децении има огромна популарност во Македонија и пошироко. Хороскопите редовно се присутни во весници, списанија и на интернет, а многу луѓе ги читаат како дел од својата секојдневна рутина. Иако за многумина тоа претставува забава и начин за релаксација, проблемот настанува кога верувањето во астрологија преминува во сферата на одлучување и влијае врз секојдневниот живот, па дури и врз односот кон фактите и науката.

Астрологијата се темели на претпоставката дека положбата на ѕвездите и планетите во моментот на раѓањето има влијание врз карактерот и судбината на луѓето. Научните истражувања, меѓутоа, континуирано ја отфрлаат оваа идеја, укажувајќи дека нема докази кои потврдуваат врска помеѓу астрономските појави и личноста или настаните во животот на поединецот. Ова ја прави астрологијата класичен пример за псевдонаука.

Иако може да изгледа безопасно, прифаќањето на вакви верувања често оди рака под рака со намалена склоност кон критичко размислување. Луѓето кои некритички ги прифаќаат хороскопите полесно се изложени на други дезинформации и манипулации. Во онлајн просторот, хороскопските содржини често се мешаат со разни „алтернативни вистини“, здравствени совети без научна основа или политички теории на заговор, со што границата меѓу забава и опасна дезинформација станува сè потенка.

Истражувањата покажуваат дека довербата во астрологијата е повисока во општества каде што образовниот систем и медиумската писменост се послаби. Во такви услови, луѓето полесно прифаќаат информации што се пласираат како апсолутни вистини, без да се преиспита нивната изворност или веродостојност.

Верувањето во хороскоп може да има и конкретни последици, од луѓе кои носат одлуки за здравјето врз основа на астролошки совети, до граѓани кои своите политички избори ги темелат врз уверувањето дека „ѕвездите така сакаат“. Таквите практики не се безопасни бидејќи ја поткопуваат довербата во институциите, науката и во рационалните методи на донесување одлуки.

Затоа, борбата против дезинформациите мора да опфати и објаснување на псевдонаучните појави како што е астрологијата. Не станува збор за забрана или цензура на хороскопите, туку за развивање критичко размислување кај јавноста. Медиумите, образовните институции и граѓанскиот сектор имаат клучна улога во промовирањето на научно засновани знаења и во разобличувањето на наративите кои, под маската на забава, можат да водат кон пошироки форми на манипулација.

Иако многумина ја гледаат астрологијата како дел од личната традиција или како извор на утеха, важно е да се прави јасна разлика помеѓу забава и факти. Само така може да се спречи ширење на дезинформации и да се зајакне отпорноста на општеството кон манипулации кои во различни облици го загрозуваат јавниот интерес.

Причината зошто хороскопите можат да се наречат долгорочни и континуирани дезинформации е тоа што се шират со векови и сè уште се користат за манипулација, прикриени под маската на „забава“. Често зад нив се кријат и сериозни финансиски измами како продавање „натални карти“ и ветувања за среќа, љубов или успех.

Современи примери ја потврдуваат оваа опасност. Индијскиот медиум „Декан Хералд“ во јуни 2025 објави напис за тоа како во Пакистан се разгледува забрана за практикување „црна магија“, додека астролозите предупредувале за „лоши предзнаци“. Станува збор за создавање страв и илузии, со што жртвите се натерани да плаќаат за заштита. Истражувањата на антропологот Џејмс Фрејзер во книгата „Златна гранка“ укажуваат дека таквите ритуали никогаш немале реален ефект туку се користеле за изнудување пари или дури и за оправдување на насилство.

Во списанието Космополитен, пак, неодамна беше објавен текст со тврдење дека астрологијата може „морничаво точно“ да објасни однесување на сериски убијци, што претставува особено опасна форма на дезинформација и создава впечаток дека псевдонауката може да биде поефикасна од официјалните истражни методи. „Тјмс оф индија“ исто така, објави текст за практиката „Каал Шарп Дош“, во кој се тврди дека астролошки методи можат да влијаат врз животните патишта, иако станува збор за чиста измислица.

Македонските медиуми, особено онлајн медиумите, секојдневно објавуваат написи на слични теми, кои може да се окарактеризираат како чиста потрага по повеќе кликови под плаштот на безопасната забава.

Но, научниците одамна се спротивставуваат на ваквите верувања. Карл Саган во својата книга и серија „Космос“ детално објаснува зошто хороскопите не можат да бидат веродостојни. Неговиот пример со биолошки близнаци или луѓе родени во ист момент, под ист знак, кои водат сосема различни животи, јасно го разобличува тврдењето дека датумот и часот на раѓање можат да ја одредат судбината. Саган исто така посочува дека хороскопите во различни медиуми за ист ден и ист знак даваат различни предвидувања, што е доказ за нивната произволност.

Така што со овој пример се отфрла идејата дека е важен часот или периодот од годината за тоа колку среќа, работа или љубов ќе има одреден човек.

Понатаму Саган објаснува дека никакво мерливо космичко зрачење нема никаков „судбински ефект“ на луѓето на планетата Земја спомнувајќи ги сите видови на космички зрачења поединечно и особено истакнувајќи ги радиобрановите кои не се ни штетни за луѓето, а се емитуваат насекаде.

Carl Sagan on Astrology

Нил Деграс Тајсон, кој ја продолжи работата на Саган преку серијалот „Космос“ и подкастот „StarTalk“, нагласува дека астрологијата не може да се смета за наука бидејќи нејзините тврдења не се поткрепени со докази.

Деграс Тајсон, исто така, ја појаснува дистинкцијата помеѓу астрономија и астрологија кажувајки дека астрономијата е поле на науката кое ги изучува физичките карактеристики и движења на небесните тела, додека астрологијата е систем на верување што додава атрибути на карактеристики на личноста и идни настани врз база на позицијата на небесните тела.

Во епизодата за хороскопот, зодијакот и астрологијата зборува за тоа како всушност наместо 12 имало всушност 13 обележани и набљудувани соѕвездија и како позицијата на сонцето се менува во однос на Земјата во сите ротации и траектории до степен што системот на ротирање не е воопшто фиксен и поставеноста на ѕвездите и планетите е различна денес од поставеноста во антиката на која се базираат астролошките карти.

Neil deGrasse Tyson’s Guide to Skywatching

Иако астрологијата некогаш имала практична улога како средство за ориентирање при пловење и патување во античко време, со развојот на науката се покажало дека сите обиди за предвидување иднина преку небесните тела се заблуди. Слични псевдонаучни практики, како верување во кристали или „Њу ејџ“ мистици, беа распространети и во втората половина на 20 век. Карл Саган во „Свет опседнат со демони“ предупредува дека таквите концепти се илузии кои само го потценуваат човековиот интелект.

Верувањето во хороскопи е присутно и во Македонија. Во книгата „Огледало“, Кирил Пејчиновиќ спомнува појава кога луѓе носеле волчји заб на врвка околу вратот, и во самата книга тој е против тоа, секако од христијански православен аспект. Сепак тогаш тука тоа било своевиден „глас на разумот“ ако воопшто може тоа така да се рече. Книгата „Огледало“ е испечатена во Будим во тогашното Австриско Царство во далечната 1816 година.

Во секојдневната комуникација често може да се слушне прашањето „кој знак си во хороскоп“, а одговорот се зема како основа за проценка на карактерот или компатибилноста. Овој феномен е толку распространет што стана дел и од хумор, како во чаршиската анегдота: „Бред Пит да ти дојде, ќе го прашаш што е во хороскоп?“

Но, зад шегата се крие посериозен проблем. Иако астрологијата често се претставува како безазлена забава, нејзиното влијание врз општеството не треба да се потценува. Или како што иронично рекол писателот Артур Кларк: „Не верувам во астрологија, јас сум Стрелец, а ние сме скептични.“

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404FansLike
61,453SubscribersSubscribe
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img