Армиски и полициски хеликоптери, како и „ер тракторите“ на Дирекцијата за заштита и спасување, утрово даваат воздушна поддршка на скопските пожарникари и на огнените тимови со „пинцгауери“ на ДЗС, кои заедно дејствуваат врз големиот пожар кај село Грачани, кој е активен и од македонска и од косовска страна.
Раководителот на главниот кризен штаб Стојанче Ангелов објави видео како армискиот хеликоптер полни вода од вливот на реката Лепенец во Вардар и изрази благодарност од храбрите пилоти, кои учествуваат во гаснењето на пожарот.
– Особено голема благодарност до воздухопловно-техничкиот персонал, без чија подршка на земја ќе биде невозможно дејството на хеликоптерите и „ер тракторите“ – објави Ангелов.
Претходно, ЦУК соопшти дека вкупно 31 пожар на отворен простор, меѓу кои и во село Грачани, се регистрирани изутринава до 7.30 часот, од кои еден е активен, три пожари се под контрола, а 27 пожари се изгаснати.






