Десетици граѓани упаднаа во неколку продавници кои беа уништени во двата разорни земјотреси што ја погодија Венецуела, по кои следуваа уште триесет последователни потреси.
Качувајќи се на покривите на урнатините и движејќи се низ уништените улици, групи луѓе влегоа во објектите во Ла Гваира за да земат храна, лекови, но и бела техника и апарати за домаќинство, пишува венецуелскиот „Ефекто Кокујо“.
Еден од ограбените објекти беше и познатиот бренд „Фарматодо“ (Farmatodo) во карипската зона, каде по упадот полиците останале целосно празни. Луѓето ги ваделе производите од амбалажите и ги носеле во кеси.

За ситуацијата на терен сведочеше и 18-годишниот Габриел Алдана од Карабаледа, кој во моментот на упадот се наоѓал во близина.
„Сè се случи одеднаш… Почнаа да го пробиваат ѕидот на местото каде што имаше грицки, сокови и други работи… а јас го полнев мобилниот телефон токму таму“, изјави Алдана.
Додека се одвиваа масовните грабежи во погодените подрачја, забележано е и интензивно движење на полициски интервентни единици по главниот пат што ја поврзува Ла Гваира со главниот град Каракас.
Венецуелскиот брег беше погоден од два последователни силни земјотреси со јачина од 7,2 и 7,5 степени според Рихтеровата скала.
Американскиот национален центар за предупредување од цунами објасни дека овие потреси формирале таканаречен „сеизмички дублет“, редок природен феномен во кој два големи земјотреси се случуваат во многу кус временски интервал во иста област.
Официјалните податоци од Националното собрание покажуваат дека бројот на жртви досега изнесува најмалку 188 лица, а повредени се 1.520 граѓани. Материјалните штети се огромни, со сериозни оштетувања на најмалку 346 објекти, меѓу кои станбени згради, болници и трговски центри.








