Цената на златото постојано расте, инвеститорите сметаат дека купувањето на злато во време на економската и политичката неизвесност е безбедно, бидејќи се очекува да ја задржи или зголеми својата вредност. Ваквите трендови позитивно влијаат врз македонските девизни резерви, од кои дел е пласиран во монетарно злато. Последните податоци од Народната банка покажува дека Македонија има монетарно злато во вредност од 647,8 милиони евра, што е 13,6 насто од вкупните девизни резерви, а пред една година тоа учествувало само со 11,2 отсто во вкупните девизни резерви. Покрај тоа што се зголемува учеството на златото во девизните резерви со растот на неговата цена расте и интересот кај граѓаните за инвестирање во злато.
Директорот на „КБ Инвест“, Горан Марковски, очекува цената на златото да расте и понатаму, бидејќи побарувачката нема да стивне набрзо.
-Генерално нашиот златен фонд не е поврзан со купување на злато, туку акции од производителите на злато и други благородни метали кои исто така имаат тренд на раст. Значи приносите се позитивни, односно има растечки приноси поради раст на цената на златото. Приносите се зголемени за 90 отсто од почетокот на годината. Така на пример ако некој на почетокотна годината вложил 100 денари сега има 190 денари, изјави за Бизнис Инфо, Горан Марковски директорот на „КБ Инвест“.
Тој вели дека инвеститори во овој фонд се претежно истите оние што влегле при формирањето од пред неколку години. Иако златото годинава урива рекорди, сепак како што вели нема зголемен интерес за инвестирање во овој фонд.
Според него, причината е тоа што кога луѓето сакаат да вложат во злато или во други благородни метали, претежно се навикнати да го прават тоа преку купување физичко злато, како накит, или сега во поново време и како инвестициско злато.
Аналитичарите сметаат дека со оглед на економската неизвесност поради царините кои ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп овој тренд на пораст на златото ќе трае најмалку пет години.
-Златото традиционално ја има улогата на “safe heaven”, односно сигурно засолниште и привлекува инвеститори во турбулентни времиња. Порастот на цената на златото во минатата година е импресивен, 49,07 отсто е растот на годишно ниво во однос на минатата година. Уште повисок е растот на цената на среброто, дури 54,07 отсто, што докажува дека инвеститорите го менуваат сентиментот и помалку им веруваат на другите инвестициски можности како хартии од вредност, недвижности и сл, односно се враќаат на традиционалното “посигурно“ врзување на своите слободни средства во сигурни и речиси безризични пласмани. Ова влијае и на развој на нова трговија со “инвестициско злато“ кое деловните банки го развиваат како своја нова финансиска активност, изјави за Бизнис Инфо универзитетскиот професор Зоран Ивановски.
Според него причина за растот на побарувачката и цената на златото е притисокот предизвикан од геополитичките турбуленции и стравот од војни. Така цената на златото се искачи на историски рекорди и се движи околу 4.000 американски долари за 1 фина унца или 127 долари за 1 грам.
-Предвидувањата на финансиските експерти се дека и во наредниот период растот ќе продолжи растот на цените на благородните метали, како резултат на царинската војна наментната од страна на САД и глобалната политичка нестабилност. Моментумот за раст е исклучително поволен, пред се заради инвестициските очекувања, кои се “подгреани“ од импресивниот месечен раст на златото од 8,97 отсто. Отука, реални се очекувањата дека инвеститорите во злато ќе остварат надпросечни приноси и во текот на наредниот период, вели Ивановски.
Зголемен интерес за златото во Македонија се забележува од пред неколку години кога на пазарот освен традиционалното купување злато како накит, јубилејни монети издадени од Народната банка може да се купи и инвестициско злато.
Б.С.






