Главниот дел од Google Icefish TPU процесорот би требало да го произведува TSMC, додека Samsung би можел да ја преземе компонентата за поврзување со меморијата
Google преговара со компанијата Samsung Electronics за производство на дел од својата следна генерација AI процесори. Станува збор за нов TPU чип со кодно име Icefish, кој сè уште е во фаза на развој, додека почетокот на масовното производство се споменува најрано за 2028 година.
Според достапните информации, TSMC и понатаму би требало да го произведува главниот пресметковен дел на процесорот, додека Samsung би можел да ја преземе компонентата задолжена за поврзување на чипот со меморијата. За тој дел наводно би се користел Samsung-овиот 2 nm производствен процес.
Google на дизајнот на новиот процесор соработува и со компанијата MediaTek. Доколку договорот со Samsung биде склучен, тоа би претставувало важна победа за Samsung Foundry, која се обидува да ја прошири базата на клиенти и да ја зголеми искористеноста на своите најнапредни производствени капацитети.

Samsung би можел да добие важен дел од Google Icefish TPU процесорот
Преминот на 2 nm технологија би требало да овозможи поголем број транзистори на помала површина, со потенцијално подобри перформанси и помала потрошувачка на енергија. Таквите предности се особено важни кај AI чиповите, каде пропусниот опсег на меморијата, енергетската ефикасност и густината на пресметковни единици се клучни фактори.
Samsung и Alphabet не ги потврдија преговорите. Samsung одби да коментира за наводите, додека Google не одговори веднаш на барањето за коментар.
Samsung претходно најави дека очекува повеќе клиенти за чипови изработени со напредни производствени процеси, а разгледува и изградба на втора фабрика во Тексас. Компанијата во јули 2025 година склучи договор вреден 16,5 милијарди долари со Tesla за производство на AI чипови базирани на напреден процес.
Извештајот дополнително укажува на намерата на Google да ја намали зависноста од компанијата TSMC. Тајванскиот производител моментално доминира во напредното производство на чипови, но големата побарувачка за AI хардвер создава притисок врз неговите капацитети и може да стане ограничувачки фактор за индустријата.
Се претпоставува дека Google преговара и со Intel за производство на повеќе од три милиони TPU чипови во текот на 2028 година. Тоа укажува дека компанијата размислува за поширока поделба на производството меѓу повеќе партнери, наместо потпирање на само еден добавувач.
Интерните TPU процесори на Google станаа важна алтернатива на NVIDIA графичките процесори во cloud дата центрите. Нивната продажба и користење сè повеќе придонесуваат за растот на Google Cloud бизнисот, додека компанијата во април претстави уште два прилагодени чипови наменети за тренирање AI модели и извршување на веќе обучени системи, пренесува Reuters.








