До Агенцијата за заштита на лични податоци, во февруари годинава, од страна на анонимен пациент, е поднесена претставка за сомнителен видео-надзор на ЈЗУ Клиника за хематологија – Скопје. Подносителот навел дека сака да ги заштити своите лични податоци за да избегне ризик од потенцијален реваншизам.
Во Образложението подносителот навел дека додека бил хоспитализиран на Клиниката за хематологија забележал камери за видео-надзор за што не добил соодветно образложение, ниту бил известен дека тоа се врши. Тој навел дека се прекршени неговите уставно загарантирани права за приватност.
Од вработени на Клиниката, пациентот дознал дека мониторингот се вршел со околу 30 камери, во реално време, од канцеларијата на директорката Соња Генадиева-Ставриќ, каде наводно била поставена соодветна техничка опрема, како и дека видео-надзорот е наменет за мониторирање на вработените, за да се утврди дали се почитуваат куќниот ред и дали се исполнуваат професионалните обврски.
Подносителот на претставката тврди дека мониторингот во реално време го врши тим составен од директорката, нејзината ново промовирана техничка секретарка и главната сестра, преку екран со димензии 1×1 метар, поставен во канцеларијата на директорката и на апликација на мобилниот телефон на директорката. Пациентот реагирал дека при тоа не се води сметка дека камерите покрај вработените ги регистрираат и пациентите кои добиваат здравствени услуги на дневна основа. Во просториите каде се врши видео-надзор не било истакнато соодветно известување, кое треба да биде јасно, поставено на видливо место и на начин што им овозможува на сите засегнати да се запознати со вршењето на видео-надзорот.
Пациентот навел дека се чувствува загрозено, затоа што не бил официјално известен за тоа колку време, каде се чува, кое овластено лице располага и управува со видео-материјалот, каде го архивира, бидејќи согласно позитивните законски прописи видео-надзор се поставува само во услови на заштита на животот или здравјето на луѓето, заштита на сопственоста, заштита на животот или здравјето на вработените поради природата на дејноста која се врши во објектот, или заради обезбедување соодветна контрола при влегувањето или излегувањето од службени или деловни простории за кои постои потреба да бидат предмет на посебен режим.
Дел од медиумите неодамна обелоденија сериозни сомнежи за злоупотреба на видео-надзор и за нарушување на приватноста се отвораат во Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), каде вработени протестираат дека директорот Оливер Миланов воспоставил систем за постојано следење на нивното движење, во живо, од својата канцеларија.
Останува прашањето дали вакви видео-надзори во институции се инсталираат во согласност со некоја препорака од „повисоко место“, или агилните директори подлегнуваат на некоја нова мода, која им овозмиожува „во живо“ да вршат целосна контрола што прават нивните вработени.








