Голем шумски пожар избувна на Баварските Алпи, а германските власти ги предупредија жителите од околните населени места на густ чад и опасност од понатамошно ширење на огнот, додека во гаснењето на непристапниот планински терен се ангажирани три хеликоптери, објави германскиот магазин „Шпигел“.
Пожарот избувна во близина на планината Лакенбергванд, кај местото Унтервесен, во тешко пристапен дел на врвот Хохванд, на надморска височина од речиси 1.000 метри.
Противпожарната служба на округот Траунштајн соопшти дека е во тек голема акција за локализирање на пожарот, со предупредување дека гаснењето може да трае со недели, потсетувајќи на шумскиот пожар кај Зауриселкопф во близина на Руполдинг од мај годинава, кој беше ставен под контрола дури по еден месец.
Според портпаролот на пожарникарите, големиот столб од чад бил забележан уште во средата вечерта, кога и бил пријавен пожарот, а во текот на првата ноќ огнот дополнително се проширил по планинската падина.
– Возилата не можат да пристапат до жариштето, изјави портпаролот на противпожарната служба, посочувајќи дека непристапниот терен е главната пречка во интервенцијата. Службите за итни случаи организираа снабдување со вода со цистерни, а поддршка даваат и хеликоптерите од воздух.
Поради густиот чад што се шири во поширокото подрачје, на жителите им е препорачано да ги држат затворени прозорците и вратите, како и да ги исклучат системите за климатизација и вентилација. Поради интервенцијата, регионалниот пат Б305 е затворен во двата правци меѓу Рајт им Винкл и Марквартштајн.
Причината за пожарот и неговите размери засега не се познати, а нема ниту информации за повредени лица.
Според Германската метеоролошка служба, во наредните денови постои зголемен ризик од шумски пожари низ целата земја, особено во покраините Баварија и Баден-Виртемберг. Во дел од регионите веќе се ангажирани воздушни набљудувачи кои од воздух ја следат состојбата.






