Додека многумина го исчекуваат враќањето на Никола Груевски во државава, по падот на Орбан во Унгарија, екс премиерот и бегалец, има доволно време на располагање да размисли за своите следни чекори. Минимални се шансите дека ќе реши да се врати дома, бидејќи, макар и на кратко, ќе мора да влезе в затвор, а од друга страна, има на располагање две достижни опции за продолжување на неговата слобода. А, тоа е, според информациите на „Фокус“, да се засолни во Русија или во Турција.
Уште еден показател дека на Груевски не му се брза да се врати дома е и што неговата компанија во Унгарија сè уште е активна, односно не ја затворил.
Компанијата I.C.I.C. Kft. екс премиерот ја регистрираше летото во 2021 година, на 14 јули, во селото Пецел, на 20-тина километри од Будимпешта. Седиштето е во напуштена куќа на улицата Бошкаи број 9, а тој е наведен како единствен сопственик и извршен директор.
Фирмата е активна веќе пет години, и иако врти милиони, но само како унгарски форинти, сепак неговата заработувачка пресметана во евра се брои во неколку илјади. Но, важно е дека добивката, иако не тече, сепак „капнува“ секоја година, бидејќи досега не пријавил загуби.
Според последниот поднесен годишен извештај за 2024 година, тој остварил добивка од 4,1 милиони форинти (10.500 евра), за разлика од годината претходно, кога имал 9.700 евра. По одбивањето на трошоците и даноците, 6.860 евра му останале како чиста добивка, од кои нешто над 5.000 евра ги подигнал како дивиденда.
Извештајот, исто така, открива дека осудениот бегалец е прогласен за кредитоспособен, бидејќи во билансот на состојба се појавил и долг од 2,5 милиони форинти или околу 6.500 евра.
Главниот фокус на компанијата е бизнис-консалтинг, но, исто така, е лиценцирана и за трговија на големо со порцелан и производи за чистење, трговија на големо со храна, пијалаци и тутун, управување со средства, рекламирање, односи со јавност и комуникација.
Но, очигледно со идеја да го развие бизнисот, Груевски уште во 2022 година ги проширил своите бизнис-можности, регистрирајќи уште 10 дополнителни дејности.
Оттогаш, неговата фирма е застапник и за трговија на големо со мебел, покуќнина, теписи, опрема за осветлување, канцелариски мебел, трговија на големо со дрво, градежни материјали, санитарна опрема, трговија со мешани производи на мало, боја, стакло, ќебиња, ѕидни и подни облоги…
За Груевски сè уште нема информација, дали, освен компанијата, поседува имот во Будимпешта. И понатаму е тајна адресата на која живее, бидејќи како лична адреса во Унгарија, тој при формирањето на компанијата ги навел податоците на неговиот адвокат во Будимпешта.
Валентина Вурмо








