Во текот на летово, Германското друштво за меѓународна соработка (Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit – GIZ GmbH) директно предупреди дека македонските земјоделски површини се под сериозен притисок од сушата, додека климатските проекции укажуваат на значително намалување на летните врнежи.
ГИЗ е германска федерална компанија за меѓународна развојна соработка, целосно во сопственост на германската држава. Таа работи во околу 120 земји и спроведува проекти во области како климатските промени, земјоделството, животната средина и економскиот развој. Во Македонија е присутна од 1992 година, со канцеларија во Скопје, каде што соработува со државните институции, локалните власти, бизнис-секторот и други партнери.
Светската банка, пак, проценува дека без соодветна адаптација, климатските штети за Македонија би можеле да достигнат околу четири проценти од БДП до 2050 година.
Но, низ целата оваа тема се провлекува една суштинска нишка – водата. Токму водата веќе подолго време се анализира како едно од клучните прашања за иднината на земјоделството и производството на домашна храна. Добро е што таа сè повеќе се третира и во македонскиот јавен дискурс како прашање од висока економска и национална безбедност, а не само како еколошки проблем.
Нашиот регион и Европа се соочуваат со нешто што досега најчесто се поврзуваше со сиромашните и сушни делови од светот – водата станува ограничувачки фактор за производството на храна.
Од климатски шок до економски шок
Она што денес се случува низ Европа не треба да се гледа само како уште една климатска епизода што ќе заврши со првите есенски дождови.
Топлотните бранови, сушата и намалувањето на земјоделските приноси почнуваат да ја менуваат економската математика на храната. Во Франција се сушат земјоделските региони, во северна Италија водата не стигнува до дел од оризовите полиња, Шпанија бележи пад на приносите, а германските земјоделци очекуваат милиони тони помалку жито. Во Франција веќе во август е регистрирано сериозно намалување на резервите на подземни води.
Токму тука се крие еден од најсериозните аларми. Кризата не е само во почвата, туку и под неа.
Европа почнува да се соочува со нешто што досега изгледаше како проблем на најсушните региони во светот – водата станува ограничувачки фактор за производство на храна.
Соговорниците од Земјоделскиот факултет при УКИМ подолго време предупредуваат дека она што се случува во Европа и во светот повеќе не може да се третира само како временска непогода.
„Кога се намалува жетвата, не поскапува само земјоделскиот производ. Поскапува сточната храна, растат трошоците во прехранбената индустрија, се нарушуваат синџирите на снабдување, а на крајот сметката стигнува до потрошувачот“, велат универзитетските професори.
Според нив, европските проценки за штетите од сушата и топлотните бранови се движат од десетици до стотици милијарди евра, зависно од тоа што е опфатено со пресметките.
И „Ројтерс“ во своите анализи предупредува дека пазарите сè повеќе ја вградуваат климатската нестабилност во очекувањата за цените на храната и економскиот раст.
Тоа значи дека храната повеќе не е само земјоделско прашање. Таа станува прашање на инфлација, трговски дефицит, социјална стабилност и национална безбедност.
Европската Унија го разбира овој ризик и, паралелно со мерките за земјоделството, вложува напори за обезбедување на стабилно снабдување со земјоделски ѓубрива, преку диверзификација на синџирите на набавка и зголемување на отпорноста на домашното производство.
Македонија не е остров
За Македонија ова не е далечна европска приказна.
Ако европските производители произведуваат помалку, Македонија ќе се натпреварува за истите количества храна на поскап европски и светски пазар.
Ако европските земји, во услови на недостиг, почнат приоритетно да го обезбедуваат сопствениот пазар, логично се поставува прашањето: Од каде ќе увезуваме ние?
Македонија веќе увезува значајни количества месо, млеко и млечни производи, жито, масло, овошје, зеленчук и преработена храна. Околу 46 проценти од земјоделскиот увоз доаѓа од Европската Унија.
Во нормални години тоа може да изгледа како трговска размена. Но во услови на долготраен недостиг, ситуацијата станува многу посложена.
Годините на интензивна суша во Европа можат да прераснат во критично прашање за националната и регионалната безбедност.
Водата е нашата стратешка резерва
Македонија има реки, езера и значаен земјоделски потенцијал. Но, сè уште нема доволно добро организирана долгорочна политика која овие ресурси ќе ги претвори во отпорност.
Секако, се чувствуваат реформски процеси и инвестиции, но Македонија тргна од сериозен дефицит и сега мора да го надомести изгубеното време.
ФАО проценува дека постои значаен потенцијал за земјиште под системи за наводнување, но дел од инфраструктурата е нефункционална или сериозно дотраена.
Тоа значи дека Македонија не треба да чека Европа да влезе во подлабока криза за да сфати дека водата е стратешки ресурс.
Земјата што денес инвестира во вода, утре инвестира во храна.
Земјата што денес ја губи водата, утре ќе увезува храна со пари што можела да ги заработи дома.
Затоа не е точно дека Македонија нема потенцијал за производство на храна. Потенцијал има. Предизвикот е тој потенцијал веднаш да се претвори во долгорочна стратегија.
Првиот удар: увозно-инфлаторен
Ако европската суша продолжи, првиот удар врз Македонија најверојатно ќе се почувствува преку цените.
За Македонија европската земјоделска криза носи непосреден ризик од поскапа и понестабилна храна.
Нашата економија е премала за да ги диктира условите на европскиот пазар, но доволно отворена за европските нарушувања брзо да ги почувствува.
Кога во Франција, Германија, Италија и Шпанија паѓа производството, конкуренцијата за жито, добиточна храна, масло и други суровини станува посилна. А Македонија веќе увезува дел од тие производи.
Затоа првиот импакт би бил увозно-инфлаторен.
Вториот удар: земјоделците
Македонскиот земјоделец може да се најде во ситуација „меѓу два огна“.
Од една страна ќе растат цените на семенскиот материјал, ѓубривата, енергијата и сточната храна. Од друга страна, климатскиот ризик ќе го зголемува ризикот од намалени приноси.
Тоа е особено опасна комбинација: повисоки трошоци и понесигурен принос.
ГИЗ веќе предупредува дека климатските промени во Македонија директно го намалуваат производниот потенцијал и го отежнуваат планирањето на сеидбата, наводнувањето и жетвата.
Следната фаза би можела да биде напуштање на дел од земјоделското производство, особено таму каде што земјоделците немаат пристап до вода и современа технологија.
Третиот удар: стратешки ризик
Најголемата опасност не е само поскапата „ајварка“, метафорично кажано.
Најголемата опасност е државата да стане зависна од странски извори за основната храна.
Зависноста од увоз сама по себе не е слабост. Слабост е зависноста од увоз во услови кога снабдувачите истовремено се соочуваат со сопствен недостиг.
Европската комисија веќе ја третира сигурноста на храната како стратешка тема и воспоставува механизми за следење на ризиците во синџирите на снабдување.
Тоа е сигнал што Македонија треба да го сфати исклучително сериозно.
Водата ја одредува храната
Во македонски услови, најважната врска е вода – земјоделство – храна.
Имаме значаен систем за наводнување на хартија, но инфраструктурата е стара и во голем дел нефункционална.
Регионалните анализи покажуваат дека реално наводнуваното земјиште е значително помало од потенцијалното опфатено со системите.
Оттука, климатската криза ја погодува Македонија двојно.
Прво, преку помалку и понепредвидливи врнежи.
Второ, преку фактот дека не ја користиме доволно ефикасно водата што ја имаме.
Од ранливост кон предност
Сепак, ова не мора да биде само песимистичко сценарио.
Токму кризата во Европа може да стане македонска развојна можност.
Ако државата навреме инвестира во наводнување, акумулации, современи системи за заштеда на вода, складирање храна, преработувачки капацитети и климатски отпорни сорти, Македонија може да добие нешто повредно од класичната самодоволност – стратешка отпорност.
Тоа би значело дека дел од европскиот недостиг може да се претвори во македонски извозен потенцијал.
Но само ако производството е добро планирано.
Пласманот на храна во иднина може да биде обезбеден, бидејќи ризикот од глобален недостиг расте. Но и водата мора да се третира како национален капитал.
Идејата за специјализирана агенција за храна и земјоделство, која веќе беше предмет на јавни анализи, заслужува сериозно разгледување и разработка.
Светската банка веќе предупредува дека управувањето со водите во Македонија бара инвестиции и реформи за да стане поотпорно на климатските промени.
Затоа следните десет години нема да бидат само битка за поголем земјоделски принос. Ќе бидат битка за контрола над ризикот.
А во таа битка највредната единица нема да биде хектарот.
Ќе биде кубниот метар вода што државата успеала да го зачува, складира и паметно да го употреби.
Македонија можеби има потенцијал. Она што го нема во изобилство е времето – времето што во изминатите децении е изгубено.
Затоа сè што сега ќе се презема мора да се развива побрзо, похрабро и со јасна стратегија. Бидејќи прашањето повеќе не е дали климатските промени ќе влијаат врз храната.






