Нова ротација и ново одложување во постапката за избор на судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП). Советодавниот панел на експерти при Советот на Европа го вратил назад предлогот на македонската комисија Ана Дангова Хуг да биде еден од тројца предложени кандидати за судија во Стразбур.
Во Советот на Европа ќе патува ново име – адвокатката Јелена Ристиќ, потврди за Телма, претседателот на Уставен суд кој е и претседател на комисијата.
По добивањето на известување од МНР кои биле известени од експертскиот панел дека третопредложениот кандидат адвокатот Дангова не ги зафоволува во целост критериумите на Советот на Европа за судија во ЕСЧП, Комисијата одржа состанок на 20 август и донесе едногласна одлука адвокатката Ристиќ да биде нов кандидат, рече Костадиновски
Постапката за избор на македонски судија почна пред година и пол и од тогаш поминаа многу препреки и контроверзии.
Првата Комисија ги предложи судијката Габриела Гајдова, обвинителката Ленче Ристоска и адвокатот Јордан Апостолски но тогаш Владата пред да ја испрати во Советот на Европа ја поништи оваа листа со кусо образложение дека кандидатите не ги исполнуваат условите.
Владара формираше нова комисија (на чело со претседателот на Уставен суд а во која членуваат претседателите на Врховен, Кривичен и Граѓански суд како и директорката на Академијата за судии и јавни обвинители) која лани во ноември заедно со Апостолски ги предложи и адвокатката Наташа Бошкова и деканот на Правниот факултет „Јустинијан први“ Сашо Георгиевски .
Во мај стигна веста дека повторно ќе треба да се предложи кандидат за местото на Апостолски и беше предложена Дангова. Сега по трет пат се коригира листата од која Советот на Европа треба да избере македонски судија за ЕСЧП.
Костадиновски се согласува дека предолго трае постапката и се надева дека овој пат ќе резултира со избор на судија ако не во октомвриската сесија на Советот на Европа, тогаш во јануари
Точно е дека премногу се оддолжи не го очекував ниту јас ова. Одложувањето е од повеќе причини и од брзината на работата на експертскиот панел. Ние како комисија ведаш реагираме кога има забелешка реагираме веднаш со нов кандидат но се на се кога ќе се собере со работата на правата комисија и оваа комисија предолго трае, вели Костадиновски
Судијата Јован Илиевски кој требаше да си замине на почетокот на годинава останува во Стразбур, додека не се избере негов наследник .
Дека има нова промена, Телма дозна од свои извори а комисијата која на 20-ти одлучувала не ја извести јавноста за разлика од претходно.
Костадиновски вели дека зазеле став да одат со подискретна постапка и да не објавуваат, врз основа на искуствата на некои од другите земји каде експертскиот панел се соочувал со бројни претставки и забелешки во однос на сите предложени кандидати што го оптоварува процесот.






