Пожарникарите денеска во делови од Шпанија и Франција се борат со огромни огнени стихии, со многу висок ризик од избивање нови пожари во поголемиот дел од Шпанија, иако големиот пожар што беснееше во централната покраина Гвадалахара постепено се повлекува, што му овозможи на населението да се врати дома.
Двајца пожарникари загинаа во Франција
Во францускиот регион Жиронд во вторникот загинаа двајца пожарникари кога пламенот го зафатил нивното противпожарно возило. Властите ги повикаа жителите и туристите да не користат скари во подрачјата погодени од топлотниот бран и истакнаа дека дури девет од десет, односно 90 проценти од пожарите настануваат – случајно или не – како резултат на човечки фактор.
Најлошиот пожар досега во Шпанија
Во најлошиот пожар што досега ја зафатил Шпанија, во регионот Гвадалахара, огнената стихија уништи околу 32.000 хектари. Во вторникот ситуацијата почна да се стабилизира, откако жителите на 34 општини беа приморани на евакуација, а пристапот им беше забранет на жителите на уште 14 општини.
Шпанската метеоролошка агенција AEMET објави дека во поголемиот копнен дел на Шпанија и на Балеарските Острови опасноста од шумски пожари и понатаму е „многу висока или екстремна“, а во претстојните денови се очекува уште поголема опасност.
Пожари и во францускиот Вар и Горните Алпи
Во Франција, нешто пониските температури и слабиот ветер придонесоа за напорите на пожарникарите во борбата против шумскиот пожар кој во југоисточниот регион Вар опустоши 2.500 хектари, оштети десетици домови и принуди 400 луѓе да ги напуштат своите домови, соопштија локалните власти.
Утрово во 7 часот хеликоптерите и понатаму фрлаа вода врз шумскиот пожар во Вар, бидејќи сè уште е активен. „Ситуацијата беше многу сериозна, со огнената стихија цела ноќ се бореа околу 1.100 пожарникари“, изјави командантот Вилијам Вогл, портпарол на пожарникарите од Вар, за радиото RMC. Пожарот сè уште не е ставен под контрола, но ветерот во среда би требало да биде поповолен, изјави тој.
Уште еден пожар беснееше во Горните Алпи на југоистокот од земјата, во сликовитиот француски департман сместен во регионот Прованса-Алпи-Азурен Брег.
Големи пожари и на Сицилија, огнот се заканува на клиника и фабрика за огномет
Десетици пожари избија на Сицилија, каде што пожарникарите и цивилната заштита се обидуваат да го спречат огнот кој им се заканува на населените места, руралните подрачја и сообраќајниците.
Најкритично е во околината на Агриџенто, каде што големиот пожар, носен од силниот јужен ветер, стигна до местото Санто Стефано Квискина. Повеќе од 100 луѓе превентивно беа евакуирани од своите домови.
Пожарот се заканува на клиника, бензинска пумпа и фабрика за огномет
Италијанските медиуми наведуваат дека пожарникарите се обидуваат да заштитат складиште за кислород, клиниката „Ињацио Атарди“, бензинска пумпа и фабрика за огномет. На терен се испратени и засилувања од карабинерите и полицијата.
Градоначалникот Франческо Качаторе ја опиша ситуацијата како драматична и ги повика жителите од деловите Канфуто и Боско веднаш да ги напуштат своите домови.
Поради пожарот привремено е затворен државниот пат SS118 Корлеонезе Агриџентина кај Санто Стефано Квискина.
Гореше и кај Катанија
Тешка ситуација е забележана и во источната провинција Катанија, каде што пожарникарите интервенираа на повеќе локации. Пожарите зафатија подрачја во Либрино, Белпасо, Заферана Етнеа, Ликодија Еубеа, Адрано, Калтаџироне и Маскали.
Во гаснењето учествуваат и противпожарни авиони „Канадер“, а еден е испратен и од Каљари на Сардинија.
Проблеми во сообраќајот
Пожарите го зафатија и подрачјето на Палермо. Пламенот околу Монреале доведе до привремено затворање на државниот пат SS186, а пожарите во Кастроново ди Сицилија оштетија рурални куќи и стопански објекти.
Сообраќајот беше нарушен и на автопатот Палермо-Катанија, кој беше затворен кај клучката Ироса. Дополнителни жаришта беа пријавени во провинциите Сиракуза, Трапани, Ена, Месина и Калтанисета.
Сицилија под највисок ризик од пожари
Италија последните денови се бори со големи горештини и силни ветрови. Италијанската цивилна заштита со денови ја држеше цела Сицилија на највисок степен на ризик од пожари. Температурите достигнуваа околу 40 степени, а пожарите дополнително ги распламтува јужниот ветер.
Пожарите на Сицилија се дел од поширокиот бран на екстремни горештини и пожари што зафати голем дел од Медитеранот.
Грција на удар на топлотниот бран, бури во Северна Македонија и на Косово
Главниот грчки град Атина и останатите источни и копнени подрачја на Грција веќе трет ден по ред трпат високи температури, а метеоролозите прогнозираат и до 41 Целзиусов степен. Властите ја забранија работата на отворено околу пладне и попладне и им препорачаа на работодавачите за чувствителните работници да организираат работа од дома.
Во главниот град на Северна Македонија во болница беа пренесени 11 лица, од кои тројца со тешки повреди, откако невремето во вторникот вечерта уриваше дрвја, оштети кровови на бројни куќи и предизвика прекин во снабдувањето со електрична енергија во речиси целата земја, известија локалните медиуми.
Хидрометеоролошкиот завод на Косово извести дека во среда се очекуваат нови бури и го предупреди населението за можни удари од гром, оштетувања на електричната мрежа, прекини на струјата, поплави и материјална штета.






