Илјадници луѓе се вработени во околу 300 непознати државни органи од вкупно 1.371 институција, која ја формирал кој било орган од јавниот сектор. За овие институции, агенции, заводи и тела никој не слушнал, а сите функционираат со директори, управни и надзорни одбори, имаат на располагање службени возила и солиден годишен буџет. Во официјалниот регистар се наведени вкупно 14 институции, кои во 2023 година немале ниту едно вработено лице, но имале директори.
Додека се чека на пругата кон Бугарија и на брзата железница кон Белград и кон Солун, додека товарниот сообраќај кубури со локомотиви и ги изнајмува од соседството, а патничкиот сообраќај речиси и да не функционира, Собранието избра нов Управен одбор на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор.
Оваа Агенција е регулаторно тело надвор од Министерството за транспорт, под чија капа, пак, е Управата за железничкиот сектор.
Каква-таква оваа Агенција, сепак, постои за железницата, која е видлива со голо око, за разлика од фантомски институции во Македонија кои биле формирани за да не прават буквално ништо или формирани за да се вработат партиски кадри.
До пред неколку години, земјава имаше Национална агенција за нуклеарни технологии, која беше формирана во 2010 година, а целта, според законот, ѝ беше поблиска соработка со европската ЦЕРН. Агенцијата беше сместена во зградата спроти Уставниот суд, веднаш до Советот за јавни обвинители.
Според податоците од извештајот на Министерството за информатичко општество и администрација, немаше ниту еден вработен со години и последни средства што биле потрошени од сметката на НАНТ (кратенка за агенцијата) биле 2.500 евра за теписи во мај 2014 година.
Податоците од „Отворени финансии“ покажуваат дека на нивната сметка легнувале трошоци за патувања во странство, додека хонорари добивале само членовите на Управниот одбор. Агенцијата била финансиски активна само две години.
Во јавноста стана позната по „бомбите“ на опозицијата во 2015 година, кога на дел од нив се слушаше како на местото на научници физичари се вработуваат партиски војници. Во првите пет години од основањето, оваа агенција според буџетските планови имала на располагање речиси 400 илјади евра.
ДРЖАВНИ ОРГАНИ ЗА КОИ НИКОЈ НЕ ЗНАЕ ШТО РАБОТАТ
Илјадници луѓе се вработени во околу 300 непознати државни органи од вкупно 1.371 институција, кои ги формирал кој било орган од јавниот сектор. За овие институции, агенции, заводи и тела никој не слушнал, а сите функционираат со директори, управни и надзорни одбори, имаат на располагање службени возила и солиден годишен буџет.
Освен Национална агенција за нуклеарни технологии, постојат Агенција за поддршка на претприемништвото, Агенција за остварување на правата на заедниците (а постои толкаво паралелно Министерство), Агенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните на РСМ, Инспекторат за употреба на јазиците…
Покрај Државен инспекторат за животна средина, во состав на Министерството за животна средина и просторно планирање има Служба за животна средина и Служба за просторен информативен систем.
Никој не знае од каква корист се агенциите со вработени, кои се бројат на раце, освен за поставување партиски директор, најчесто од помалите коалициски партии за поткусурување.
За да се оправда постоењето на овие институции за вдомување партиски кадри, им се измислуваат имиња и категоризации. На пример, постои Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, а притоа има и Агенција за остварување на правата на заедниците.
По донесувањето на Законот за употреба на јазиците, за една иста работа постојат два органи со ист назив, едниот се вика агенција, другиот инспекторат. Станува збор за Агенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните на РСМ и за Инспекторат за употреба на јазиците.
Во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кој покрај нормалните органи, има и два слични органи: Управа за семе и семенски материјал и Управа за заштита на растенијата. Едната е за дел од растение, другата е за цело растение.
Спротивно на законот, од 13 инспекторати, кои им се столбови на министерствата, со лекс специјалис закони, во последниве години се направени дури 32.








