Два големи американски воени авиони биле забележани на аеродромот „Васил Левски“ во Софија околу 7 часот утрово. Од Министерството за одбрана потврдиле дека леталата се наоѓаат на аеродромот врз основа на општо годишно дипломатско одобрение и дека нивниот престој е привремен.
Станува збор за авиони Lockheed C-130 – воено-транспортни летала со четири турбопропелерски мотори, наменети за транспорт на војници и товар. Тие се користат во повеќе од 40 модификации во над 50 земји, објави bTV.
Според министерот за одбрана Димитар Стојанов, американски авиони можат да слетуваат на цивилни аеродроми во Бугарија, а постапката за тоа се спроведува по дипломатски пат.
„Во моментов нема никаков ризик за националната безбедност на Бугарија“, изјави Стојанов при отворањето на новата академска година на Воената академија „Г. С. Раковски“.
Тој повика на целосна смиреност и појасни дека сојузничките летала имаат соодветно дипломатско одобрение.






