Владата го усвои Оперативниот план за вработување за 2026 година, кој како што се потенцира, е нонасочен кон отворање нови работни места, поддршка на домашната економија и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Со планот се предвидени мерки за поддршка на невработените лица, со посебен акцент на младите, долгорочно невработените и ранливите категории, како и финансиска помош за бизнисите.
За реализација на мерките се обезбедени повеќе од 40 милиони евра, а директна поддршка се очекува да добијат над 10.000 лица низ државата.
Министерот за економија и труд, Бесир Дурмиши, истакна дека главна цел останува создавање реални можности за вработување и економско зајакнување на граѓаните. „Обезбедуваме директна поддршка за над 10.000 лица со вкупен буџет над 40 милиони евра“, изјави министерот Дурмиши.
Тој нагласи дека посебен фокус во планот се младите, долгорочно невработените лица, лицата со попреченост, корисниците на социјална помош и жените.
Во рамки на мерките за самовработување, младите кои сакаат да започнат сопствен бизнис ќе можат да аплицираат за грантови до 615.000 денари. Дополнително, се предвидува поддршка за лица кои живееле во странство, а се враќаат да инвестираат во сопствен бизнис во земјава. Финансиска поддршка ќе биде достапна и за компании кои отвораат нови работни места, со цел поттикнување на вработувањето и развојот на домашната економија.
Оперативниот план предвидува и средства за практиканство, различни обуки и поддршка за дефицитарни занимања, со цел полесно вклучување на невработените на пазарот на труд и подобрување на нивните вештини.








