По онколошките и пациентите со ретки болести, сега и дијабетичарите предупредуваат на сериозен недостиг од антидијабетна терапија.
Од пацинетското здружение велат дека освен од терапијата последниве два месеци има недостиг и од ленти за мерење на шеќер во крвта.
Димче Велев – Претседател на Сојуз на здруженија на лица со дијабетес
„Веќе подолг период, над 6 месеци има сериозен недостиг на антидијабетна терапија, а последниве два месеци и ленти. Апелираме министерството за здравство да ја забрза дистрибуцијата до сите 40.000 пациенти заедно со компанијата која го доби тендерот. Исто така посебно внимание треба да се посвети за побрзо да се финализира тендерот односно доставата на сензорите до секое дете и пациент да нема застој, министерството да го организира за да може пациентите да живеат нормално без стресови и да се спречат компликациите“.
Што се случува со терапиите – зошто се поголем број на пациентски здруженија алармираат за недостиг, каде се пропустите и зошто се дозволува постојано да се случуваат вакви проблеми – од Министерството за здравство за антидијабетната терапија тврдат дека е достапна во сите инсулински аптеки, додека за сензорите велат дека јавната набавка била во тек.
Министерство за здравство
„Од минатиот месец во сите инсулински аптеки, доставени се најсовремени глукометри и ленти за мерење гликемија. Во однос на сензорите за континуирано следење на гликемија, во тек е јавна набавка на истите и обезбедена е дополнителна количина за 150 пациенти, односно од досегашните 650 пациенти, по завршување на јавната набавка сензорите преку програмата ќе бидат достапни за 800 пациенти. Согласно законските процедури за јавната набавка во моментот течат административните рокови за жалба“….
Појавата на недостиг на лекови и сензори за дијабетичарите е проблем кој постојано се повторува. Според најавите на фондот за здравство од следната година треба да се воведат референтни цени во аптеките, што ќе им овозможи на пациентите сами да ја подигнуваат терапијата и сензорите.








