Православните верници денес го слават вториот ден од најголемиот христијански празник Велигден, познат и како Светол понеделник.
Воскресението Христово завчера на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква. Бројни верниците ги посетија црквите, запалија свеќи и се помолија за добро здравје, среќа и благосостојба во домот и на своите најблиски.
Христовото Воскресение Велигден се смета за најголем христијански празник, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Овој празник е спој на верата и традицијата, негувана од памтивек, а почнува на Велики четврток кога, пред изгрејсонце, домаќинките ги бојадисуваат првите црвени Велигденски јајца.








