Во тек е финализирање на тендерската документација за проектирање и изградба на БРТ-линија 1 (Ѓорче Петров-Ново Лисиче), како и постапката за избор на меѓународен консултант кој ќе обезбедува стручна поддршка во имплементацијата на проектот. Градежните активности ќе започнат по завршувањето на меѓународната тендерска постапка и изборот на изведувач и одобрувањето на проектната документација, велат од Град Скопје за „Фокус“, додавајќи дека во однос на мостот „Обединетите нации“ се уште не е донесена одлука дали ќе има потреба да се врши санација или ќе треба да се изнајде друго решение.
Поранешниот градоначалник на Скопје од СДСМ Петре Шилегов, за време на неговиот градоначалнички мандат од 2017 до 2021 година, најави и влезе во процес на реализација на проект за изградба на т.н. Бас рапид транзит или БРТ-систем, кој претставува модерен и брз автобуски превоз што треба да се одвива по посебни ленти, поради често се нарекува и „трамвај без шини“.
–Воведувањето на БРТ-системот на брз автобуски превоз во Скопје е еден исклучително важен и голем историски чекор напред во урбаниот развој на градот – рече Шилегов за време на презентацијата на проектот пред 5 години, додавајќи дека станува збор за модел на јавен транспорт кој е „најдобро, најбрзо, најбезбедно и најисплатливо решение за Скопје“.
Имено, тогаш се предвидуваше проектот да опфаќа воспоставување 2 линии, со коридори од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и од Бутел до Кисела Вода, со тоа што беше најавено дека неговата реализација треба да заврши до 2024-2025 година. Арно ама, на локалните избори во 2021 година дојде до промена на локалната власт во главниот град, па новата градоначалничка Данела Арсовска, избрана со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, крена раце од овој проект.
–Референдумот е една од опциите за граѓаните да излезат и да одлучат – говореше таа за проектот за БРТ, оценувајќи дека тој не е добро решение за Скопје, при што наведе и неколку критични точки поради кои смета дека ризиците се поголеми од евентуалниот бенефит – отстранување на целото зеленило по средината на „Партизанска“, доведување во опасност на главната водоводна инсталација под средишното зеленило на овој булевар итн.
Подоцна, во текот на 2023 година, откако веќе ги наруши односите со ВМРО-ДПМНЕ, Арсовска велеше дека никогаш не се откажала од БРТ, туку дека проектот се ревидирал бидејќи, како што рече, имало забелешки и за трасата и за начинот на кој ќе се имплементира. Во секој случај, факт е дека ниту таа ниту локалната самоуправа не направија ништо конкретно да се реализира проектот, кој првично го проблематизираа и од финансиски, но и од инжинерски аспект.
„Сакаме да потенцираме дека овој проект е многу скап и неефикасен за град Скопје со овој број на население и оваа географска распространетост на градот Скопје. Системот на БРТ-превозот е неосмислен и набрзина изведен без да се земат во предвид сите други фактори кои влијаат во сообраќајното уредување на градот“ – вака, меѓу другото, ВМРО-ДПМНЕ во позиција на опозиција го критикуваше БРТ-проектот.
Сепак, актуелниот скопски градоначалник од редовите на оваа партија, Орце Ѓорѓиевски, набргу по изборот на локалните избори во 2024 година влезе во процес на конкретна реализација проектот за БРТ-превоз, со одредени измени во поглед на трасите и други сегменти. Во таа насока, пред неколку месеци тој порача дека БРТ е „еден од најзначајните инфраструктурни зафати за модернизација на јавниот превоз и унапредување на мобилноста во главниот град“.
„БРТ претставува современ систем на јавен превоз кој функционира по принцип на метро на тркала со посебни, одвоени ленти за движење, приоритет на раскрсници и висока фреквенција на возила. Овој концепт овозможува побрз, сигурен и предвидлив превоз, значително намалување на гужвите и времето на патување, како и намалување на загадувањето, што го прави клучен чекор кон поодржливо и поеколошко Скопје“, напиша Ѓорѓиевски на Фејсбук.
Инаку, според официјалните најави, градежните работи на терен треба за првата фаза се очекува да започнат во 2027 година, откако беа одржани финални координации со претставници од ЕБОР. Притоа, проектот предвидува изградба на 2 линии: Исток–Запад и Север–Југ, со краци до Драчево, Сарај, Ченто, потоа набавка на хибридни нископодни автобуси, воведување патнички информативен систем и паметни станици, како и интеграција со системот за управување со сообраќајот во градот.
„Проектот за воведување на БРТ повторно е ставен во активна фаза, откако Град Скопје, во координација со Владата, Министерството за финансии, Министерството за транспорт и ЕБОР, ги исполни сите клучни предуслови за продолжување на неговата реализација. Проектот се финансира со заем од ЕБОР во износ до 70 милиони евра, а во оваа фаза се реализира БРТ Линија 1 на релација Ѓорче Петров-Ново Лисиче.
Во тек е финализирање на тендерската документација за проектирање и изградба на БРТ Линија 1, како и постапката за избор на меѓународен консултант кој ќе обезбедува стручна поддршка во имплементацијата на проектот. Градежните активности ќе започнат по завршувањето на меѓународната тендерска постапка и изборот на изведувач и одобрувањето на проектната документација.
БРТ Линија 1 е предвидена со должина од 12,81 километри, 21 станица, 2 терминали, ново депо во Ново Лисиче, надградба на депото во Ѓорче Петров и набавка на 29 зглобни автобуси. Со нејзината реализација се очекува времето на патување да се намали од околу 70 на 35 минути, а јавниот превоз да стане побрз, редовен и поефикасен преку воведување семафорски приоритет, електронска наплата, систем за следење на возилата и информации за патниците во реално време.
Проектот за БРТ, според сите анализи, ќе придонесе за намалување на штетните гасови, како една од мерките за грижа на животната средина, и во таа насока при проектирањето задолжително ќе биде зачувување на средишното зеленило и одвојување на сообраќајните ленти за БРТ со уште по еден дополнителен зелен коридор од другите две сообраќајни ленти на булеварот за останатите учесници во сообраќајот“, ни одговорија од Град Скопје.
Она што се уште останува неизвесно и нерешено е каква ќе биде судбината на мостот „Обединети нации“, кој ги поврзува населбите Карпош и Влае, каде треба да минува првата БРТ-траса од Ѓорче Петров до Ново Лисиче. Своевремено, Шилегов велеше дека овој мост треба да се урне и да се изгради нов со по 3 ленти во двата правци, додека токму ова го користеше Арсовска како еден од аргументите против продолжување на проектот.
„Во однос на Мостот на Обединетите нации кај Влае, се уште не е донесена одлука дали ќе има потреба да се врши санација или ќе треба да се изнајде некое друго решение. Конечната одлука ќе биде донесена по завршувањето на стручната конструктивна процена и техничко-финансиската анализа“, ни изјавија од Град Скопје.






