Црногорската полиција уапси 22-годишен маж од Беране под сомнение дека со автомобилот го усмртил своето едногодишно дете, а потоа се обидел да ги измами истражителите тврдејќи дека бебето починало откако паднало од монтажен објект, објави РТЦГ.
Како што соопшти Полициската управа на Црна Гора, дежурната служба на Одделот за безбедност во Беране вчера околу 16:00 часот била известена од локалната Брза помош дека едно дете е донесено со тешки повреди од кои починало.
„Полициски службеници веднаш биле испратени во здравствената установа, кои го утврдиле идентитетот на едногодишното дете и разговарале со таткото А.И. (22). Тој изјавил дека детето починало како резултат на пад од покривот на помошен монтажен објект“, соопшти полицијата.
Надлежните обвинители веднаш биле известени за инцидентот, а телото на детето е испратено во Клиничкиот центар на Црна Гора на обдукција.
Сепак, за време на деталниот увид на местото на настанот и истрагата што траела цела ноќ, полициските инспектори се сомневаа во верзијата на приказната на таткото. Понатамошната кривична истрага ја откри страшната вистина за начинот на кој детето добило смртоносни повреди.
„Според собраните информации, утврдено е дека таткото на детето, како што се верува, додека излегувал од гаражата со својот автомобил, го удрил детето, поради што починало“, се вели во соопштението на црногорската полиција.
Местото на трагедијата е детално обработено, а автомобилот е привремено запленет за понатамошни вештачења.
По наредба на вршителот на должноста обвинител во Основното државно обвинителство во Беране, 22-годишниот татко е уапсен под сомнение дека сторил кривично дело „тешки дела против безбедноста на јавниот сообраќај“.






