Денеска се навршија 46 години од смртта на неприкосновениот лидер на социјалистичка Југославија – Јосип Броз Тито.
Mаршалот беше на чело на СФРЈ цели 35 години, а почина во Љубљана, во пресрет на својот 88-ми роденден. Веќе тогаш многумина неговата смрт ја видоа како почеток на крајот на југословенската држава, пишува Н1.
Лидерот на третиот свет во јануари беше примен во болница поради проблеми со циркулацијата, а пред смртта му била ампутирана ногата, на што не сакал да се согласи сè додека бил свесен. Веќе од средината на февруари, тој бил во вештачка кома.
Веста за смртта на Тито на Југословените им ја соопшти спикерот на Телевизија Белград, Миодраг Здравковиќ.
– Умре другарот Тито. Тоа вечерва го соопштија Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Југославија и Претседателството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија на работничката класа, работните луѓе и граѓаните, народите и народностите на Социјалистичка Федеративна Република Југославија – гласеше веста што одекна во целиот свет.
Денес, 46 години подоцна, многумина времето на неговото владеење неретко го паметат како период на мир, релативна стабилност и на постепен напредок за мнозинството.
Ковчегот со посмртните останки на Тито пристигна утредента со „Синиот воз“ од Љубљана, преку Загреб, во Белград.
Три дена подоцна, на погребот дојдоа 700.000 луѓе. Присутни беа 209 државни делегации од 128 земји во светот. Станува збор за најпосетуваниот погреб на некој државник во 20 век.
Последна почит на основачот на Движењето на неврзаните му оддадоа 31 претседател на држави, 22 премиери, четири кралеви, шест принцови и 11 претседатели на национални парламенти. Од светот поделен со Студената војна, во Белград допатуваа државници од двата табора.
На погребот беа потпретседателот на САД Волтер Мондејл, Индира Ганди, Хосни Мубарак, Садам Хусеин, Николае Чаушеску, Маргарет Тачер, Леонид Брежњев, Хелмут Шмит, Јасер Арафат, Моамер ел Гадафи, Роберт Мугабе и многу други светски лидери.
Колку собирот беше важен, говори и податокот дека американскиот претседател Џими Картер, кој изостана поради болест, освен државната делегација на погребот на Тито, ја испрати и својата мајка.
Тито е погребан во Куќата на цвеќето на Дедиње на 8 мај 1980 година. Покрај Броз, од 2013 година почива и сопругата Јованка.
Се смета дека движењето на отпорот што го предводел Јосип Броз Тито било најсилното на почвата на Европа западно од Советскиот Сојуз и оттука од Втората светска војна излегол како прославен воен командант.
Јосип Броз е роден во Кумровец, во Загорје, недалеку од границата со Штаерска, најверојатно на 7 мај 1892 година. Неговиот татко бил Хрват, а мајка му Словенка.
По неуредното основно образование во родното место, занает учи во Сисак. Наводно набргу по доаѓањето во Загреб во 1910 година станува активен во работничкото движење, кога станува член на локалната Социјалдемократска партија на Хрватска и Славонија.
Подоцнежните години работел во Камник, Крањска, Ченков, Чешка, кај Минхен во Баварија, Виенско Ново Место, но никаде не се задржува подолго.
На отслужување на воениот рок заминува во 1913 година, каде што се истакнува, како со стекнувањето подофицерски чин, така и како второпласиран на натпреварувањето во мечување во војската на Австроунгарија.
Откако Виена ја започнува Првата светска војна со напад на Србија, Броз завршува на фронтот. Првин војува на српскиот фронт. Во неговите подоцнежни официјални биографии тој податок е занемарен, единствено се истакнува дека поради недисциплина тогаш го затвораат во Петроварадин. Потоа наводно е упатен на рускиот фронт, во Галиција.
Во мај 1915 година по ранувањето, Русите го заробуваат. Остатокот од Првата светска војна го поминува во Русија.
Во подоцнежните биографии се наведува дека Тито бил учесник во Октомвриската револуција, која ја кренаа Владимир Ленин и Лав Троцки, што не е вистина.
За време на престојот во Западен Сибир, тој влегува во брак со малолетната ќерка на човекот на чијшто имот работел.
Во есента 1920 година со сопругата заминува во новоформираното Кралство на Србите, Хрватите и Словенците.
До 1925 година Тито живее во местото Велико Тројство, недалеку од Бјеловар, каде што работи во млин. Тука му се раѓаат четири деца, од кои преживува единствено Жарко.
Потоа престојува во Загреб, Краљевица, Белград, Смедеревска Паланка, за во 1927 година да се врати во Загреб. Тито официјално е индустриски работник, а всушност повеќе посветен на синдикално-партиската работа.
Броз е апсен во 1927 и во 1928 година, откако е осуден на пет години затвор. Тој излегува на слобода во март 1934 година по што станува член на Политбирото на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ) и професионален комунистички функционер.
Како добро платен функционер на Коминтерната во 30-тите години на минатиот век, Тито ги елиминира партиските ривали и ги преживува советските чистки.
Во 1940 година формално застанува на чело на КПЈ. По окупацијата во 1941 година, по налог на Москва го организира југословенското востание, извојувајќи победа и стекнувајќи ја клучната поддршка од сојузниците во Лондон.
Како неприкосновен лидер на социјалистичка Југославија, Тито ја предводи земјата од ослободувањето во 1944-1945 година, па сè до смртта во мај 1980 година. Формално, од 1943 до 1963 година е претседател на Владата на Југославија, а потоа претседател на државата.
Паралелно, цело време ја предводи КПЈ, односно од ноември 1952 година. Звањето маршал го носи од Второто заседание на АВНОЈ, кон крајот на ноември 1943 година.
Тито првин е најверен сојузник на Москва, но Сталин решава да се ослободи од него, што е обелоденето кон крајот на јуни 1948 година. Со Резолуцијата на Информбирото, тој почнува постепено да се потпира на Западот.
Вашингтон тогаш решава да му помогне за да ја урне монолитноста на комунистичката интернационала. Тито потоа ужива значителна воена, финансиска и друга помош од САД.
Во условите на Студената војна и паралелниот процес на деколонизација, Тито успева постепено, кон крајот на 50-тите и раните 60-ти години, да се наметне како еден од лидерите на таканаречениот Трет Свет, односно Движењето на неврзаните, чијшто основач е тој, заедно со првиот премиер на независна Индија, Џавахарлал Нехру, и со претседателот на Египет, Гамал Абдел Насер.
Во внатрешната политика тогаш е осмислен специфичен југословенски пат, наречен социјалистичко самоуправување, што подразбира и воведување пазарни механизми, со општествена сопственост, кој излегува успешен.
Паралелно, покрај формалното федерално уредување, со текот на времето се спроведува понатамошна децентрализација, па од Уставот во 1963 година, а целосно со Уставот од 1974 година, сета вистинска власт е пренесена на ниво на федерални единици, односно на републичките партии.
Заеднички остануваат, и тоа не во целост, одбраната, надворешната и фискалната политика, при што насекаде се спроведува таканаречениот клуч за да се постигне таканаречена рамноправна застапеност со задолжителен консензус на претставниците на сите републики и покраини. Тоа испадна, како што се покажа, нефункционално и деструктивно устројство, кое го оневозможи опстанокот на Југославија.
Сепак, Јосип Броз Тито останува една од најсложените и највлијателните политички фигури на минатиот век, оставајќи зад себе длабоко поларизирано историско наследство. За голем дел од граѓаните, неговата ера денес буди носталгија и се памети како период на мир, релативна економска стабилност и огромен меѓународен углед преку Движењето на неврзаните. Сепак, под површината на паролата за братство и единство, специфичниот систем на социјалистичко самоуправување и сложената децентрализација се покажаа како целосно неодржливи по неговото заминување, а и разни притисоци од надвор го „забрзаа“ распаѓањето на Југославија.








