Македонија сè повеќе живее во дигиталната економија, но главно како потрошувач. Граѓаните без поголеми пречки купуваат производи од странски интернет платформи, плаќаат со картички и нарачуваат стоки од европски, американски и азиски веб продавници. Според американскиот трговски водич за Македонија, околу 64 отсто од интернет корисниците во земјава во 2024 година купувале стоки или услуги преку интернет, најчесто преку странски платформи како АлиЕкспрес и други веб продавници од Европа и САД.
Но, кога македонски фриленсер, дизајнер, програмер, видео монтажер, консултант или мал дигитален бизнис треба да наплати услуга од странство, дигиталната економија станува многу потешка. Македонија лесно троши онлајн, а многу потешко заработува онлајн.
Еден од најголемите проблеми со години е ограничениот пристап до глобални платежни системи. Пејпал ја наведува Македонија на својата листа на земји и региони каде што услугата е присутна, но тоа не значи дека корисниците во земјава ја имаат истата функционалност како во развиените европски пазари. За фриленсерите најважно е прашањето на примање пари, повлекување средства и едноставна наплата од странски клиенти. Токму тука македонските корисници најчесто се соочуваат со ограничувања, дополнителни трошоци и потреба од алтернативни решенија.
Слична е состојбата и со Страјп, една од најкористените светски платформи за онлајн наплата. На официјалната листа на земји каде што Страјп е достапен за отворање бизнис сметка, Македонија не е наведена меѓу поддржаните пазари. Тоа е сериозна пречка за мали компании, стартапи и поединци кои сакаат да продаваат дигитални услуги, претплати, курсеви, софтвер, дизајн, консалтинг или други производи на глобален пазар.
Во пракса, тоа значи дека македонскиот граѓанин може за неколку минути да купи производ од странска продавница, додека македонскиот професионалец често мора да бара посложени начини за да ја добие својата заработка. Дел од фриленсерите користат банкарски трансфери, Пајонир, Вајс, Скрил или други посреднички решенија, но тие често носат провизии, чекање, административни процедури и дополнителна несигурност.
Ова не е само проблем на фриленсерите. Тоа е проблем на целата економија. Во време кога младите сè почесто работат за странски клиенти, а креативните и дигиталните услуги можат да донесат девизи во земјата, Македонија нема целосно развиена платежна инфраструктура што ќе им овозможи лесно да наплатат за својот труд.








