Бујар Османи пред чаирчани: Вие отсега ќе бидете мојот Брисел, моето министерство, мојата единствена должност
Кандидатот за градоначалник на општина Чаир, Бујар Османи, одржа средба со жителите на населба Топанско Поле, на која директно им се обрати и одговори на пропагандата која се шири во врска со неговата работа како министер за надворешни работи.
„Велат дека како министер сум се одвоил од Чаир. Слушнете го јазикот, тоа е пропаганда,“ рече Османи, нагласувајќи дека неговата обврска како министер била јасна, да ја претставува државата и да обезбеди поддршка за евроатлантските цели.
„Мојата должност беше да посетам што повеќе држави, да донесам што повеќе министри и премиери во Скопје, за да гарантирам НАТО, ЕУ и добри односи со САД,“ изјави Османи.
Тој подвлече дека за само четири години, ги надминал сите претходни министри за надворешни работи по број на остварени средби, посети и дипломатски комуникации.
„Сите министри за надворешни работи на Северна Македонија од ’91 до денес не можат да го надминат бројот на средбите и комуникациите што јас ги направив. Не затоа што сум бил подобар, туку затоа што сум се посветувал со целото мое срце и енергија, се додека не го постигнам резултатот,“ рече Османи.
Во емоционалниот дел од обраќањето, Османи порача:
„Денес, браќа и сестри, од вас барам една должност, да ви служам исклучиво вам. Вие, отсега, ќе бидете мојот Брисел. Вие ќе бидете моето министерство за надворешни работи со кое ќе одржувам средби.“
Тој додаде дека доаѓа без калкулации, со целата сила и искуство, а нападите дека бил претседавач со ОБСЕ ги нарече ниски и срамни.
„Наместо да се гордеат што едно момче од Серава, од сиромашно семејство, стигна да раководи со најголемата светска организација, тие се занимаваат со секојдневни клевети. Тоа е ниско. Но, јас не се враќам заради функции. Се враќам за да ви служам вам,“ рече Османи






