Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска учествуваше на панелот „Engineering the Infrastructure of Energy Security“ во рамки на Delphi Economic Forum, што се одржа во Делфи, Грција.
На панелот, заедно со високи претставници од САД, ЕУ и регионот, Божиновска ја претстави визијата на Македонија за зајакнување на енергетската сигурност и регионалната поврзаност.
„Енергетската политика без инфраструктура останува само декларација“, истакна Божиновска, нагласувајќи дека државата се насочува кон изградба на стабилен и диверзифициран енергетски систем.
Таа потенцираше дека стратегијата се темели на диверзификација на енергетските извори, развој на интерконективна инфраструктура и јакнење на енергетската сигурност како клучна стратешка цел.
Според неа, Македонија има амбиција да стане регионален енергетски јазол, кој ќе поврзува пазари, извори и инфраструктура, со цел намалување на зависноста од една рута и зголемување на стабилноста на енергетскиот систем.
„Инвестираме во коридори што ја намалуваат ранливоста, ја зголемуваат стабилноста и создаваат конкурентни услови на пазарот“, посочи министерката.
Со конкретни проекти, јасна стратегија и засилено меѓународно партнерство, додаде Божиновска, Македонија се позиционира како сигурен, предвидлив и релевантен партнер во европската енергетска архитектура.








