Министерката за енергетика, рударство, и минерални суровини Сања Божиновска, информираше дека е потпишан Меморандум за соработка со Технолошко-металуршки факултет при УКИМ, со цел науката и експертизата директно да се вклучат во процесите на носење одлуки во институциите.

Според министерката, ова партнерство претставува „знаење во пракса“ и отвора можности за заеднички проекти, стручна поддршка и активно учество на студентите во работата на Министерство за енергетика и рударство. Студентите ќе имаат можност одблизу да се запознаат со функционирањето на институциите, процесите на креирање политики и изградбата на одговорна и одржлива рударска политика.
„Рударството е стратешки сектор и затоа одлуките мора да се темелат на податоци, експертиза и долгорочна визија“, истакна Божиновска, нагласувајќи дека ваквите соработки се клучни за квалитетни и одржливи решенија.
Меморандумот е дел од пошироката визија на Министерството за создавање мрежа на партнерства со факултетите и научните институции, кои ќе бидат основа за реформите, стабилноста и развојот во енергетиката и рударството.
Од Министерството порачуваат дека целта е да се изгради модел на институции отворени за знаење, политики засновани на наука и систем кој стратешки мисли на иднината.









