Министерката за енергетика Сања Божиновска денеска соопшти дека пристигнало решението со кое и официјално се заштитува македонскиот рубин како наш, македонски полускапоцени камен.
– Го заштитивме македонскиот рубин. Му благодарам на Геолошкиот завод за соработката. Веќе имаме нешто македонско заштитено. Продолжуваме понатаму со заштита и на одредени видови мермер, рече министерката на брифинг со новинарите.
Рубинот што се вади во Македонија е геолошки и естетски уникат: познат е како корунд со карактеристична малиново-розева боја, што се јавува поради присуството на хром во неговата кристална структура. Се наоѓа исклучиво во околината на Прилеп и во планините на Мариово, што го прави единствен природен рубин во копнената Европа што се обработува локално. Покрај својата естетска и колекционерска вредност, македонскиот рубин претставува дел од културното и историското наследство на земјата – симбол на природната убавина и националната гордост.
Активностите за заштита на македонскиот рубин почнаа во септември 2025 година.
Божиновска на брифингот информира за сработеното во втората година од постоењето на Министерството за енергетика.








