Основното јавно обвинителство Скопје информира дека во координација со екипи на СВР Скопје, извршен бил увид на лице место во село Копаница, скопско, каде што е пронајдено тело на почината 37-годишна жена со прострелна рана во главата.
По наредба на јавниот обвинител, телото на починатата е дадено на обдукција, а надлежните институции преземаат дополнителни мерки и активности со цел целосно расчистување на случајот.
Во близина на телото е пронајден пиштол „глок 19“, кој, како што информираат од истрагата, е сопственост на нејзиниот сопруг. Лицето веднаш било обезбедено, по што Основното јавно обвинителство Скопје донело наредба за спроведување истражна постапка за кривично дело „Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материјали“ по член 396 од Кривичниот законик.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот, кој бил прифатен од Судот.








