Управата за јавни приходи соопшти дека повеќе од 35.000 граѓани поднеле барање за регистрација на кориснички профил на даночен обврзник – физичко лице, е-Даночни услуги (Е-ППД) но постапката за регистрација не успеале да ја завршат во целост.
За да ја завршат постапката, според УЈП, тие треба да појдат до надлежната канцеларија на Управата. Притоа треба да понесат и важечки документ за идентификација, за да може овластеното службено лице да ја одобри регистрацијата.
Од Управата велат дека овие граѓани веќе добиле и електронската пошта преку info@ujp.gov.mk со насока за понатамошно постапување.
Од управата дополнуваат дека преку корисничкиот профил во системот е-Даночни услуги, граѓаните можат да имаат увид во податоците од годишна даночна пријава за данок на личен доход, да добијат уверенија за остварен доход од УЈП и други институции и да го остварат правото на поврат на дел од ДДВ за скенирани сметки.






