HomeМакедонијаАвтопатот Кичево – Охрид кочница за поголем број туристи

Автопатот Кичево – Охрид кочница за поголем број туристи

- Advertisement -spot_img

За велигденските празници се очекуваат повеќе гости во помалите сместувачки капацитети во центарот на Охрид. Помала исполнетост се очекува во големите хотели покрај охридската ривиера. Како секоја година така и годинава, присутни се гости од регионот, Србија, Албанија, Грција, Бугарија, а ќе има гости и од повеќе европски земји. Денеска се очекува првиот чартер-лет со гости од Словачка. Домашните гости, поради недовршениот автопат, го избегнуваат Охрид и одат во Грција.

– Помалите капацитети во центарот на Охрид се веќе пополнети, додека големите хотели, кои се надвор од градот, се полупразни, бидејќи тие се полнат со странски гости што доаѓаат со автобуси што доаѓаат од околните држави, а нив за празниците послабо ги има. Значи ќе има странски гости, но не во ист број како минатите години. Посетеноста од домашни гости е послаба поради тоа што уште се работи на патот од Скопје до Охрид – вели претседателот на Хотелската асоцијација на Македонија, Крсте Блажевски.
За велигденските празници најмногу се очекуваат гости од соседството, како и од дијаспората. Во Охрид веќе се чувствува раздвиженост на Градскиот плоштад, по маркетите, во рестораните, кафулињата… Освен гостите од Грција, како и викенд-туристите од Србија, Албанија, во овој период се присутни и групи од Турција, а има гости и од Босна и Херцеговина. Се очекуваат и првите гости од Словачка, со новиот лет што започнува денеска.

– Не се очекува зголемување на цените и покрај општата инфлација што владее поради зголемените цени на енергенсите. Ако ги покачиме цените, ќе бидеме понеконкурентни како дестинација. Цените ќе останат исти како минатата година, на штета на сопствениците на хотелско-угостителските капацитети, односно тие ќе имаат помала заработувачка – вели Блажевски.
И Љупчо Јаневски, универзитетски професор, смета дека лошата инфраструктура во Македонија има негативни ефекти во развојот на туристичкиот сектор.

– Типичен пример е долгата изградба на патниот правец Кичево – Охрид, кој доколку бил завршен во предвидениот рок, би донел дополнителни 80.000 туристи од земјата и од регионот. Ова е конзервативна проекција во која за последните години, на годишно ниво, поради патот во нашиот туристички бисер, се губат помеѓу 250.000 до 300.000 ноќевања или претворено во пари, во последните осум години државата загубила од 200 до 240 милиони евра. Секако, да не заборавиме за негативниот ефект врз инвестициите, локалниот економски развој, зачувувањето на работните места и забавениот развој на економијата – вели Јаневски.
Тој смета дека новите авионски линии, генерално, ќе го зголемат бројот на туристи во Охрид, но очекува директен ефект за велигденските празници, од првите летови.

– Долгорочно, очекувам да се развие соработка со големи туроператори, кои би ја ставиле Македонија како туристичка дестинација во своето продажно портфолио. Засега овие летови се сведуваат само на индивидуални патувачи, кои ќе го збогатат декорот за празниците, а најбројни ќе бидат домашните и регионалните гости. Очекувам помала исполнетост од минатите години, а една од причините е недостигот на јасна стратегија за македонскиот туристички сектор – вели Јаневски.
Туристичките работници не очекуваат дека, поради војната на Блискиот Исток, може да имаме некој поголем прилив, бидејќи се избегнуваат дестинациите како Турција, Кипар, Египет… За летната туристичка сезона, сè уште нема некои поголеми најави, што значи дека не се очекува поголема посетеност од онаа што ја имавме минатата година и годините по ковид-кризата.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404FansLike
61,453SubscribersSubscribe
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img