Две лица загинаа кога мал авион се урна во станбена зона во германскиот град Лимбургерхоф, јужно од Манхајм. Според медиумските извештаи, леталото експлодирало во воздух, а делови паднале врз куќите кои биле во близина.
Портпаролот на полицијата Торстен Мишлер изјави дека според досегашната истрага, двајцата патници во авионот загинале во несреќата, пренесува „Билд“.
Според германските медиуми, уште едно лице е повредено, додека бројни делови од леталото паднале во станбената зона по експлозијата на авионот во воздух.
Несреќата се случила околу 11:30 часот, а сведоци изјавиле дека авионот пред падот закачил една куќа.
Полицијата соопшти дека на терен се ангажирани бројни екипи на итните служби и дека подрачјето околу местото на несреќата е обезбедено.
Причината за падот на леталото засега не е позната, а истрагата е во тек.








