Apple во првиот квартал од 2026 година ја зголеми продажбата на iPhone во САД за 1,3 проценти, додека вкупниот пазар на паметни телефони опадна за 5,7 проценти, покажуваат податоците на Counterpoint Research.
Подоцнежното од вообичаеното претставување на Galaxy S26 серијата на Samsung му даде предност на Apple на почетокот од годината. Counterpoint Research наведе дека Samsung го поместил лансирањето од вообичаениот јануарски термин на 11 март, што му овозможило на Apple порано да „фати“ дел од кварталната продажба.
Минатата година, Galaxy S25 беше претставен во јануари, а во продажба влезе во февруари.
Tyler Graham, виш аналитичар во Counterpoint Research, изјави дека ваквата промена на термините директно влијае врз односот на силите на пазарот: „Кога еден бренд го одложува лансирањето на премиум модел, се отвора простор друг да го пополни тој вакуум. Apple го направи токму тоа.“
Компанијата од Купертино продолжи со добриот продажен тренд по претставувањето на iPhone 17 во септември. Apple претходно соопшти дека имал историски празничен квартал во однос на побарувачката за iPhone, а истиот тренд продолжил и во мартовскиот квартал, со раст на продажбата на iPhone од 22 проценти.

На падот на вкупниот американски пазар на паметни телефони влијаеја и економските притисоци врз потрошувачите. Counterpoint наведува дека Apple ја задржал конкурентската предност и преку ценовната политика: основниот iPhone 17e останал на цена од 599 долари, исто како претходниот iPhone 16e, но добил дополнителни 256 гигабајти меморија.
Samsung, од друга страна, ги зголемил цените на основниот и Plus моделот на Galaxy S26 за 100 долари во однос на претходната серија и го укинал почетниот модел со 128 гигабајти меморија. Поскапувањето доаѓа во момент кога производителите на потрошувачка електроника се соочуваат со раст на цените на мемориските чипови.
Apple во април соопшти дека во јунскиот квартал очекува значително повисоки трошоци за меморија, но извршниот директор Tim Cook не откри дали компанијата поради тоа ќе ги зголеми цените на уредите.








