Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска учествуваше на тркалезна маса во Францускиот сенат, во рамки на Парис Сајбер Самит 2026, посветена на градењето сајбер капацитети во земјите од Западен Балкан во услови на постојани и комплексни закани.
Настанот, кој се одржа во Палатата Луксембург во Париз, ги собра претставниците на земјите од регионот, француските партнери и претставници на Western Balkans Cyber Capacity Centre – WB3C, со цел продлабочување на дијалогот за сајбер отпорноста, регионалната соработка, интероперабилноста и усогласувањето со европските и евроатлантските безбедносни стандарди.
Во своето обраќање, министерот Андоновски нагласи дека сајбер безбедноста денес не е само техничко прашање, туку прашање на национална отпорност, демократска стабилност, заштита на критичната инфраструктура и доверба во дигиталната држава.
„Република Македонија ја гледа сајбер отпорноста како составен дел од европската безбедност и демократската отпорност. Како НАТО сојузник и земја со јасна евроатлантска ориентација, пристапуваме кон сајбер безбедноста преку три паралелни перспективи: безбедносна усогласеност со НАТО, усогласување со европското acquis и целите на Дигиталната декада, како и потреба стратешката усогласеност да се претвори во реален оперативен капацитет“, истакна Андоновски.
Министерот посочи дека Македонија во изминатиот период постигна значителен напредок во законодавното и институционалното усогласување, преку донесување на нов Закон за безбедност на мрежи и информациски системи усогласен со принципите на NIS2, усвојување на Национална стратегија за сајбер безбедност, зајакнување на институционалната координација и интензивирање на работата на интероперабилноста, безбедните дигитални услуги и дигиталната јавна инфраструктура.
Андоновски истакна дека Македонија инвестира значајни средства во изградба на Владиниот центар за одговор на сајбер инциденти MKD-GOV-CSIRT, заштитни системи, безбедна инфраструктура и меѓусебно поврзување, со средства од националниот буџет и со поддршка од стратешките партнери, вклучително и Соединетите Американски Држави.
Министерот се осврна и на зголемената комплексност на заканите, посочувајќи дека сајбер инцидентите сè почесто се поврзани со хибриден притисок, дезинформации, економска принуда и напади врз довербата во институциите. Тој нагласи дека критичната инфраструктура денес не се однесува само на енергетиката и телекомуникациите, туку и на јавната администрација, здравствените системи, образовните платформи и дигиталните јавни услуги.
„Заканата не е само нарушување на системите, туку нарушување на довербата — довербата во институциите, дигиталните услуги и демократските процеси“, порача министерот.
Во дискусијата беше нагласена и потребата од посилен пристап на Европската Унија кон финансирање на сајбер инфраструктурата во регионот, особено во рамки на инструментите за поддршка на Западен Балкан. Министерот посочи дека сајбер безбедноста треба да биде јасно препознаена како приоритетна област за инвестиции, бидејќи отпорноста на регионот е директно поврзана со отпорноста на поширокиот европски дигитален простор.
Посебен акцент беше ставен на регионалната соработка. Андоновски порача дека сајбер заканите не запираат на границите и дека помалите администрации не можат да градат отпорност изолирано.
„За Западен Балкан, регионалната оперативна соработка не е луксуз, туку мултипликатор на сила. Потребни ни се постојани доверливи контакт точки, редовни заеднички сајбер вежби, структурирана размена на информации и посилна интеграција со механизмите на ЕУ и НАТО“, истакна министерот.
Тој додаде дека Франција, Европската Унија, НАТО сојузниците и трансатлантските партнери имаат клучна улога во градењето регионални механизми за доверба, споделување информации, обуки и заеднички вежби.
„Западен Балкан веќе денес е дел од безбедносната архитектура на Европа. Регионот не може да се третира само како прашање на идна интеграција, туку како прашање на стратешка предвидливост“, порача Андоновски.
Тркалезната маса во Францускиот сенат претставуваше можност за размена на искуства меѓу земјите од Западен Балкан и европските партнери, со фокус на практичното јакнење на сајбер капацитетите, заштитата од хибридни закани и унапредувањето на регионалната и европската соработка во областа на дигиталната отпорност.








