Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски учествуваше на 21. годишна конференција на МАСИТ, посветена на темата „Agentic AI“. Во изјава за медиумите тој најави дека Владата ќе продолжи да го поддржува домашниот ИКТ-сектор и да им помага на македонските компании да ја применуваат вештачката интелигенција во својата работа.
„Како Влада ќе продолжиме да инвестираме и да ја поддржуваме ИКТ-индустријата во државата. Имаме два големи проекта, ДИГИТ-МАК и ИНО-ФЕИТ ЕДИХ, кои значат директна поддршка на македонските компании за дигитална трансформација. За таа да се случи, потребни се домашните, македонските ИТ-компании“, истакна Андоновски.
„И во периодот што следи ќе поддржуваме проекти кои значат дигитална трансформација на бизнисите, нивна обука, употреба на ВИ, затоа што мораме да го фатиме приклучокот“, рече министерот. Тој додаде дека ова прашање е подеднакво важно и за бизнисот и за државата, бидејќи оние што ќе знаат да ја користат вештачката интелигенција „ќе може да се надеваат на забрзан напредок“.
На новинарско прашање за тоа колку Македонија заостанува зад европските земји во областа на ВИ, Андоновски укажа на недостигот од домашна податочна инфраструктура.
„Предолго време се залажуваме дека со употреба на туѓи податочни центри и туѓи системи ќе успееме да развиеме македонски развој“, рече Андоновски. Како конкретен пример го наведе развојот на модел за македонскиот јазик. „Немаме голем јазичен модел на македонски јазик бидејќи нема каде да се изгради“, додаде тој.
„Тука ќе биде клучната разлика што се обидуваме да ја направиме, привлекување инвестиции во центри за податоци, изградба на Националниот центар за податоци и на тој начин инфраструктурно да се приближиме до Европската Унија“, истакна Андоновски.






