Зад бројките во полициските билтени стојат жени чии животи се претворени во борба за преживување. Уште еден брутален напад, овој пат во гостиварското село Топлица, за малку ќе завршел со убиство – осомничен е 52-годишник дека со физичка сила и со остар предмет ѝ нанел тешки повреди на сопругата. Во животозагрозувачка состојба, таа беше хоспитализирана на КАРИЛ, каде што лекарите се борат за нејзиното закрепнување. Осомничениот е спроведен во Психијатриската болница во Бардовци, а Обвинителството отвори истрага за обид за убиство и побара притвор.
Домот, наместо засолниште, за многу жени се претвора во место на страв и насилство – ударите, заканите и малтретирањето зад затворени врати повторно ја полнат црната хроника. Пријавите за семејно насилство се нижат, но насилството не запира. Во Охрид, 19-годишна девојка пријавила дека била претепана од невенчаниот сопруг и од неговите родители. Во Тетово, 40-годишник ја тепал партнерката, ја принудувал да оди со други мажи и да му ги предава парите од просење. Во Кочани, била нападната сопруга, која добивала закани, во Неготино татко физички го нападнал малолетниот син со метален предмет, а во кривогаштанско село, 19-годишна сопруга била изложена на закани од партнерот. Случаите се само дел од црниот биланс на семејно насилство регистриран во полицискиот билтен.
Но, најтешкиот случај е од гостиварското село Топлица, каде што 52-годишен маж се обидел да ја убие сопругата. По семејна расправија, тој со физичка сила и со остар предмет повеќепати ја удирал по главата, лицето и телото, нанесувајќи ѝ тешки телесни повреди, убодни рани и скршеници на повеќе ребра. Жената била пронајдена во бессознание и итно пренесена во Клиничкиот центар во Скопје, каде што била задржана на лекување. За нејзината здравствена состојба, за медиумите информираше директорот на ТОАРИЛУЦ, д-р Игор Мерџановски, кој изјави дека таа е во стабилна состојба, свесна и контактибилна, но останува на интензивно лекување на КАРИЛ во Скопје.
Обвинителството отвори истрага за обид за убиство и побара притвор за осомничениот, оценувајќи дека постои опасност да го доврши делото.
– При расправија во семејниот дом во селото Топлица, осомничениот употребил физичка сила и остар предмет со кој повеќепати ја удирал оштетената по главата, лицето и телото. На жената ѝ нанел повеќе тешки телесни повреди, убодни рани и скршеници на повеќе ребра, од кои таа паднала во бессознание – информираа од Основното јавно обвинителство Гостивар.
Настанот во полициска станица го пријавил таткото на осомничениот, а кога пристигнале полициските службеници на местото, ја пронашле жената без свест. Според СВР Тетово, при приведувањето, насилникот давал отпор и повредел еден полицаец, по што, поради проблеми со менталното здравје, бил пренесен во специјална болница во Скопје.
– Откако ѝ била укажана помош во болницата во Гостивар, поради сериозноста на повредите, жената, во бессознание, била пренесена во комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде што ѝ биле констатирани тешки телесни повреди и била задржана на лекување – изјави портпаролот на СВР Тетово, Фатмир Реџепи.
Судија на претходна постапка од гостиварскиот суд побарал осомничениот да биде спроведен во Судот од психијатриската болница. Беше најавено дека, најверојатно, ќе му биде одреден притвор додека му биде направено вештачење, бидејќи постојат индиции дека е непресметлив.
– Ценејќи ги сите околности, тежината на стореното кривично дело, опасноста од бегство и влијание врз сведоците, како и можноста да го доврши делото, јавниот обвинител достави до судијата на претходна постапка предлог за определување мерка притвор за осомничениот – се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.
Јавното обвинителство соопшти дека се преземаат сите дејства за итно прибирање докази за случајот, согласно со воспоставената процедура за итна координација и постапување по пријави за семејно насилство.
– Вклучени се и полициски службеници и Центарот за социјални работи – посочуваат од ЈОРСМ.
По овој случај на семејно насилство во Гостиварско, по кој жената жртва била донесена во животозагрозувачка состојба на КАРИЛ во Скопје, пратениците на СДСМ и коалицијата поднесоа барање до претседателот на Собранието, Африм Гаши, веднаш да свика итна седница со една точка на дневен ред: постапувањето на институциите во спречувањето на насилството врз жените и семејното насилство и во заштитата на жртвите.
– Доста е од институционален молк. Секоја жена што пријавува насилство мора да добие заштита веднаш. Затоа бараме пред Собранието да се одговори зошто нема одговорност, што се случува по секоја пријава, кој го проценува ризикот и кој проверува дали се спроведуваат мерките за заштита. Таму каде што имало пропусти, мора да има одговорност. Во 2025 година се регистрирани шест фемициди, а до ноември годинава се евидентирани седум убиства на жени. Само од јануари до октомври годинава, МВР регистрирало 1.897 настани поврзани со семејното насилство. Според деветмесечниот пресек на МВР, повеќе од 80 проценти од жртвите на кривичните дела се жени. А одговорност нема од никој. По толку жртви, Панче Тошковски требаше одамна да поднесе оставка – велат од СДСМ.
Пред две недели, јавноста ја вознемири и случајот со 26-годишната Сара Ѓоргиевска од Охрид, која беше претепана од своето момче, Кристијан Корабоски, во автомобил, по што тој ја исфрлил на улица и ја оставил повредена. При нападот, девојката загубила свест и се здобила со тешки телесни повреди. Нејзиниот 31-годишен партнер беше приведен и МВР поднесе против него кривична пријава за тешка телесна повреда. Случајот предизвика протести во Охрид, против насилството врз жените. Трагичен е и случајот со 17-годишната Билјана Ќириќ од Богданци, која на почетокот од ноември беше пронајдена мртва, во опожарен автомобил, додека телото на нејзиниот 21-годишен партнер, Виктор Гунтаров, беше пронајдено во близина. Првичните индиции на Обвинителството упатуваа на убиство и на самоубиство, односно сомневање дека момчето најпрво ја убило девојката, го запалило автомобилот, а потоа си го одзело животот. Особено загрижувачки е што на трагедијата ѝ претходеле пријави за насилство и закани. Девојката претходно го пријавила партнерот за физички напад и за закани за животот. (В. С. Н.)
https://www.vecer.press/epidemija-na-semejno-nasilstvo-bitki-za-zhivot-zad-zatvoreni-vrati/






