домаМакедонијаКако се славеше 29 Ноември во Југославија, од пионерската заклетва до семејната...

Како се славеше 29 Ноември во Југославија, од пионерската заклетва до семејната трпеза

- Advertisement -spot_img

За првачињата во Југославија, 29 Ноември значеше бела кошула, црвена марама и неколку зборови што со денови ги учеа напамет: „Денес, кога станувам пионер…“ За многу семејства истиот празник значеше рано станување и пат до родното село, каде што роднините се собираа на свинокол. Денот на Републиката се славеше два дена, на 29 и 30 ноември. Додека во домовите на културата се пееја песни за Тито, во многу домови двата слободни дена беа ретка можност целото семејство да се собере пред зимата.

Во Прилеп подготовките за празникот почнувале уште во училницата. Учителите ги поттикнувале децата на мали листови од блок да ги нацртаат знамињата на Југославија и на Социјалистичка Република Македонија. Заклетвата ја вежбале со денови, понекогаш и со недели. На свеченоста, пред родителите, бабите и дедовците, првачињата со сини титовки на главите ја изговарале во еден глас. Во Скопје, покрај училиштата, и домовите на ЈНА биле места каде што цели одделенија ги примале во Сојузот на пионерите.

Датумот што децата го паметеа по марамата можеше да се прочита и на југословенскиот грб. Пред точно 83 години, на 29 ноември 1943 година, во босанскиот град Јајце се одржало Второто заседание на Антифашистичкото веќе на народното ослободување на Југославија, познато како АВНОЈ. Среде Втората светска војна, делегатите ги поставиле темелите на идната федерација на рамноправни народи. На истото заседание Јосип Броз Тито го добил звањето маршал на Југославија.

- Advertisement -

За Македонија, одлуката за федеративно уредување имала посебно значење. Таа го отворила патот Македонија да стане рамноправна членка на идната федерација, а на 2 август 1944 година, на Првото заседание на АСНОМ, биле поставени темелите на македонската државност. Датумот 29 ноември добил уште едно историско значење во 1945 година. Точно две години по заседанието во Јајце, Уставотворното собрание во Белград ја укинало монархијата и ја прогласило Федеративна Народна Република Југославија.

На официјалните прослави се доделувале одликувања, се испукувале почесни плотуни, а отворањето нов објект често се закажувало токму за празникот. Фотографиите во збирките на Музејот на Југославија покажуваат колку различно изгледал тој ден. Во 1955 година пионери посетиле гроб на херој на белградски Калемегдан. Во 1976 година фотографот Душан Ќуриќ го забележал приемот на првачињата во Пула. Празникот стигнал и до југословенските иселеници, за што сведочи фотографија од прославата во клубот „Единство“ во Виена во 1972 година.

За оние што се враќале на село, двата неработни дена решавале едно практично прашање: кога роднините од градот ќе можат да дојдат и да помогнат околу свиноколот. Оттаму и споменот за раното станување што, за дел од тие генерации, останал посилен од говорите за Републиката. Други семејства го користеле празникот за излет или патување. Уште во шеесеттите години туристичките агенции нуделе аранжмани низ Југославија и во странство, особено кога 29 и 30 ноември можеле да се спојат со викендот.

Празникот ја надживеа државата на чиј грб стоеше датумот. По распадот на СФРЈ, Сојузна Република Југославија го задржа 29 Ноември во календарот. Од 1997 година официјално го врза за прогласувањето на републиката во 1945 година. Последен пат беше неработен ден во 2001 година, а на 14 ноември 2002 година Сојузното собрание го укина.

Како се славеше 29 Ноември во Југославија, од пионерската заклетва до семејната трпеза

- Advertisement -
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img