Намалена потрошувачка на гориво, повеќе автобуси во сообраќај и значително намалување на долговите на ЈСП Скопје. Ова се дел од резултатите што ги презентираше градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во гостувањето во емисијата „Клик плус“ на ТВ21, осврнувајќи се на работењето на јавното сообраќајно претпријатие.
Ѓорѓиевски истакна дека во споредба со минатата година, ЈСП располага со најмалку 50 автобуси повеќе, а истовремено е остварена заштеда од околу половина милион евра за гориво.
Тој нагласи дека овие податоци не се произволни, туку се базираат на фактичката состојба во претпријатието и информациите од раководството и менаџерскиот тим на ЈСП.
Градоначалникот се осврна и на финансиската состојба на претпријатието, посочувајќи дека долгот кој претходно изнесувал околу четири милијарди денари сега е намален на приближно 750 милиони денари.
Во разговорот беше отворено и прашањето за можни злоупотреби и недомаќинско работење со горивото во ЈСП, особено по претходните проблеми со набавката на нафта, кога претпријатието имаше потреба од помош од Градот и Владата.
На прашањето дали постојат сомнежи за злоупотреби или несоодветно управување со потрошувачката на гориво, Ѓорѓиевски одговори дека е можна комбинација од двете, но нагласи дека не е истражен орган и дека надлежните институции треба да ги утврдат евентуалните неправилности.
„Јас не сум истражен орган, но јас стојам на располагање на институциите да си го утврдат тоа. Веќе имаат и мислам дека ќе започнат да се занимаваат и со тоа прашање“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој посочи и дека Град Скопје успеал значително да го намали акумулираниот долг, кој претходно изнесувал близу 300 милиони евра, вклучувајќи ги обврските по кредити, судски постапки и долговите на јавните претпријатија.






