Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, на 24 ноември 2026 година ќе престојува во официјална возвратна посета на Република Хрватска.
Во состав на делегацијата ќе бидат претседателката на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Хрватска, Благица Ласовска, и членовите на Групата, Димитар Ковачевски, Каљтрина Беќири и Сали Мурати.
За време на престојот во Загреб, претседателот Гаши ќе оствари средби со највисоките претставници на законодавната и извршната власт на Република Хрватска. Официјалната посета претставува можност за размена на мислења за прашања од заеднички интерес, унапредување на билатералните односи и натамошно продлабочување на парламентарната соработка. Воедно, таа е потврда на заедничката определба за одржување на отворен и конструктивен дијалог и за негување на традиционално блиски и пријателски односи меѓу двете земји, засновани врз партнерство, меѓусебна доверба и добрососедство, кои претставуваат позитивен пример за конструктивна соработка во регионот.
Важен дел од билатералната агенда ќе биде и европската перспектива на Република Северна Македонија. Република Хрватска е значаен и доследен поддржувач на европскиот пат на нашата земја, поддршка што високо ја ценат и институциите и граѓаните и која претставува важен поттик во напорите за остварување на заедничките европски цели.
Со официјалната возвратна посета се потврдува значењето на блиското партнерство меѓу двете земји и нивната заедничка посветеност на европските вредности, регионалната стабилност и просперитетот, се наведува во соопштението од собраниските служби.






