Скоро две години од пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, најголемата трагедија во поновата македонска историја. 63 загинати. Една година од почетокот на судскиот процес за овој случај во судницата во КПУ Идризово.
Обвинети 35 физички и 3 правни лица, дополнително обвинети 23 полициски службеници во посебни постапки. Семејствата на загинатите бараат правда и одговорност. На деветти декември минатата година во Собранието се одржа седница на постојаната анкетна комисија заштита на слободите и правата на граѓанинот по претставката на Здружението „16 март 2025 Кочани“.
Родителите на загинатите не се откажуваат од правдата и одговорноста за смртта на нивните деца. На почетокот на месецов ги доставиле предлог заклучоците до собраниската анкетна комисија – и се уште без одговор оттаму.
Здружение „16-ти Март 2025 – Кочани“
„На 2 ноември, како Здружение „16-ти Март 2025 – Кочани“, доставивме предлог-заклучоци до Собраниската анкетна комисија. Поминаа 20 дена, а сè уште немаме никаков одговор. Бараме утврдување на политичката и институционалната одговорност, без разлика кој бил на власт, како и испитување на можната политичка заштита на „Пулс“. Сметаме дека имаа доволно време да се координираат, да ги разгледаат нашите предлози и да излезат со конкретни заклучоци. Не бараме политички препукувања, туку одговорност и конкретни резултати. Семејствата на 63-те загинати заслужуваат одговори, а не институционален молк!“
Во врска со заклучоците, претседателот на комисјата и пратеникот Димитар Апасиев во 24 Анализа кажа дека на потег се пратениците од владејачкото мнозинство ВМРО-ДПМНЕ.
Димитар Апасиев – претседател на Левица, пратеник
„Од СДСМ, ДУИ и Левица имам одговор дека ќе ги прифатат. Чекаме од ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ има мнозинство во комисијата, тие имаат десет од петнаесет членови. Јас и да свикам, можат да не дојдат, не можам да гласам или да дојдат и да гласаат „против“ и нема да се усвојат. Но, како и да е, таа комисија не е никако поврзана со оваа специјална, која е неформирана. Таа остана така да виси затоа што и на едната и другата партија не им одговара да се чепка – на едните во Кочани, на другите во модуларната болница. Тоа е нивното проклетство.“
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски за Телевизија 24 одговори дека ќе ги разгледаат заклучоците, ќе се произнесат и го образложи ставот на пратеничката група.
Никола Мицевски – координатор на ПГ на ВМРО-ДПМНЕ
„Да одржиме координација, ќе ги разгледаме заклучоците и ќе се произнесеме. За ваша информација ние имаме поднесено заклучоци на 12.12.2025година, значи пред една година отприлика. Претседателот на Анкетната комисија не закажа продолжеток на комисијата и не ги стави заклучоците на произнесување – иако, закажувањето на комисијата беше под знакот на „итност“ и не се искоординира со членовите на Постојаната анкетна комисија за нејзиното закажување.“
На последното одржано рочиште за пожарот во „Пулс“, сведочеше ќерката на првообвинетиот Дејан Јованов Деко, Магдалена Јованова. Пред судот кажа дека во објектот имало противпожарни апарати, ознаки за излез и панични светла и за тоа дека на претходни настани се употребувале пиротехнички средства со кои раководело лице чиј идентитет не го знае.
Родителот Александар Наунов вели дека по досегашните судски рочишта, ставот на родителите е дека доказите што се презентираат отвораат сериозни прашања за долгогодишните незаконитости, институционалните пропусти и одговорноста на обвинетите. Бараат утврдување на одговорноста.
Александар Наунов – родител
„Во судницата гледаме обиди преку различни толкувања, вештачења и процесни барања да се оспорат доказите на Обвинителството и да се одолговлекува постапката. Нашата порака до адвокатите на обвинетите е: Зачувајте го вашиот професионален кредибилитет и достоинството на адвокатската професија. Правото на одбрана е неприкосновено, но ниту хонорарите што ги добивате од вашите клиенти не смеат да бидат поважни од професионалната етика и достоинството на судскиот процес. Со несоодветни настапи и непрофесионално однесување не се нанесуваат последици само врз нас, родителите, туку се нарушува и угледот на судството и на државата. Овој процес се следи и надвор од границите на нашата држава, од меѓународната јавност.“
Судењето за пожарот продолжува во вторник и го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 обвинители. Досега се одржани над педесет судски рочишта и 51 „Марш на ангелите“.






