домаМакедонијаИста апликација, различни услови за наплата, како македонските ИТ-фирми заработуваат од странство?

Иста апликација, различни услови за наплата, како македонските ИТ-фирми заработуваат од странство?

- Advertisement -spot_img

Замислете две софтверски компании, една од Скопје и друга од Берлин. Двете развиваат слична апликација, ја продаваат по иста цена и се обидуваат да привлечат корисници од целиот свет. Но, кога ќе дојде моментот да ги наплатат своите производи, почнуваат разликите. Германската компанија има пристап до повеќе глобални платежни сервиси, додека македонската треба да бара алтернативи, често со повисоки провизии и дополнителни услови.

Овој проблем повторно станува актуелен по најавата дека „Лемон сквизи“, една од платформите достапни за македонските софтверски компании, престанува со работа. Од 16 ноември платформата повеќе не прифаќа нови корисници, а на 31 март 2027 година целосно ќе престане да обработува плаќања. За домашните претприемачи што преку неа продавале софтвер, апликации и дигитални претплати, тоа значи барање нов начин за наплата од странство.

Проблемот е што Македонија сè уште не е на листата на поддржани земји на некои од најголемите светски платежни платформи. На пример, компаниите во Германија можат директно да користат услуги како „Страјп“, додека фирмите регистрирани во Македонија ја немаат истата можност. Дури и новата услуга „Страјп менеџд пејментс“, кон која се насочуваат корисниците на „Лемон сквизи“, засега не е достапна за домашните компании.

Разликата станува уште поочигледна кога ќе се погледнат провизиите. За германска компанија што користи „Страјп“, стандардната цена за обработка на плаќања со картички издадени во Европската економска област изнесува 1,5 отсто плус 25 евроценти по трансакција. Една од алтернативите за македонските софтверски компании е „Педл“, каде што стандардната провизија изнесува 5 отсто плус 50 американски центи.

Што значи тоа во практика? Ако апликацијата чини 20 евра, германската фирма би платила 55 евроценти за обработка на едно плаќање со стандардна европска картичка. Кај „Педл“, за продажба од 20 евра, провизијата би изнесувала едно евро плус 50 американски центи. Со стотици или илјадници купувачи месечно, ваквите разлики стануваат значајна ставка во трошоците.

Алтернативи има и преку други платформи, како „Фастспринг“, а домашните компании можат да користат и банкарски решенија за електронска наплата. Сепак, за мал стартап што сака да продава претплата од неколку евра на купувачи во Европа, Америка и Азија, изборот е покомплициран. Потребни му се автоматски месечни наплати, различни валути и систем што ќе функционира без дополнителни административни постапки за секој купувач.

Дополнителна грижа за компаниите што веќе го користат „Лемон сквизи“ е префрлањето на постојните претплатници. Менувањето платежна платформа подразбира пренос на податоци, приспособување на системот и, во одредени случаи, повторно одобрување на плаќањето од страна на корисникот. Според самата платформа, целосната миграција може да трае од четири до осум недели, што значи дека фирмите треба навреме да се подготват за промената.

Темата е особено важна во период кога македонскиот ИКТ-сектор бележи раст. Според податоците на МАСИТ, во 2025 година секторот остварил приходи од 1,77 милијарди евра, додека извозот достигнал 676 милиони евра. Сè повеќе домашни компании имаат потенцијал да развиваат сопствени дигитални производи и да ги продаваат на глобалниот пазар.

За македонските ИТ-претприемачи, пристапот до меѓународните платежни сервиси останува важен дел од конкурентноста. Апликација развиена во Скопје може да се продава на истите пазари како апликација создадена во Берлин, но компанијата од Македонија има потесен избор при организирањето на наплатата. За стартап што допрва се обидува да заработи од својот производ, тоа значи дополнителни трошоци, повеќе организација и посложен почеток на меѓународниот пазар.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img