Обилни дождови ноќеска предизвикаа поплави на повеќе места во Босна и Херцеговина, поради што пожарникарите во Херцеговско-неретванскиот кантон (ХНК) морале да испумпуваат вода од поплавени објекти и да извлекуваат заглавени возила. Најмногу интервенции имало во градот Чапљина, каде што пожарникарите испумпувале вода на 14 локации во градот и во околните села. Тие трипати извлекувале возила од надојдената вода , а ги чистеле и одзатнувале и шахтите, објави „Радио Сараево“.
Во Мостар, пожарникарите испумпувале вода од подрум, а интервенирале и по сообраќајна несреќа, соопштија од Оперативниот центар на Цивилната заштита на ХНК.
Проблеми предизвикани од дождот имало и во Доња Јабланица, каде што се одронил материјалот под станбен објект, поради што била загрозена стабилноста на теренот. Пожарникарите кои излегле на терен утврдиле дека одронот настанал поради градежни работи и обилните врнежи.
Обилните врнежи го зголемиле и водостојот на реките во регионот. Мерењата извршени во 8 часот покажале дека на неколку мерни станици биле надминати критичните нивоа. Водостојот на реката Требижат достигнал 282 сантиметра, два сантиметра над критичното ниво од 280 сантиметри.
Зголемен водостој е забележан и на реката Радобоља во Мостар, каде што нивото на водата достигнало 80 сантиметри, пет сантиметри над критичното ниво од 75 сантиметри.






