Македонскиот Устав досега претрпел 36 амандмани, од кои 21 биле донесени со посредство на меѓународната заедница, посочи претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на конференцијата во Собранието по повод 35-годишнината од донесувањето на највисокиот правен акт.
Таа оцени дека честите уставни промени отвораат сериозно прашање за односот кон Уставот и потребата од зачувување на неговата стабилност, предупредувајќи дека не треба да се менува при секое ново барање.
„За 32 години, или за три децении, нашиот Устав доживеа дури 36 амандмани. Во компаративното уставно право ние сме рекордер во измени на Уставот. Што станува со уставниот патриотизам? Не знам, сами треба да се запрашаме“, рече Сиљановска-Давкова.
Според податоците што ги презентираше, 15 амандмани биле иницирани од домашни причини, додека во 21 случај посредувала меѓународната заедница.
Осврнувајќи се на односите со Бугарија и европските интеграции, претседателката порача дека Македонија е подготвена за разговори со Софија и со претставниците на Европската Унија, но дека е неопходно да се обезбеди извесност оти евентуалните уставни измени нема да бидат проследени со нови условувања.
„Се разбира дека ние не сме радикални во барањата. Ние само сакаме извесност. Ние само сакаме да не биде ова уште една измена заради измена по која ќе следува нова“, изјави таа.
Одговарајќи на новинарско прашање за евентуални позитивни сигнали во дијалогот со Софија, Сиљановска-Давкова потврди дека разговорите со европските претставници продолжуваат, но рече дека не може да посочи конкретно поместување во односите со Бугарија.
„Ние не сакаме да бидеме третирани поинаку од другите, едноставно сакаме да знаеме дека ако нешто мора под наводници да се направи, дека тоа нема да биде само едно од многуте други“, нагласи претседателката.
Сиљановска-Давкова потсети дека и самата учествувала во подготовката на Уставот од 1991 година, како надворешен член на Комисијата за уставни прашања. Таа рече дека тогашните расправи биле водени со уверување дека се создава траен правен и политички темел на независната држава.
Уставот бил донесен на 17 ноември 1991 година, со 92 гласа „за“ и 22 „против“. Веќе следната година биле усвоени првите два амандмани, за кои, според претседателката, барањето дошло однадвор.
Како илустрација за влијанието на меѓународната заедница врз уставните промени, таа направи споредба со вообичаените почетоци на уставните преамбули, во кои се нагласува улогата на народот како носител на суверенитетот.
„Сите устави обично почнуваат со We the people, ‘Ние народот’, ние можеби треба ‘Ние народот и меѓународната заедница’. Не го кажувам ова цинично, но мислам дека навистина сериозно треба да размислиме“, рече Сиљановска-Давкова.
Таа упати и повик до претседателот на Собранието, Африм Гаши, почесто да ја свикува Комисијата за уставни прашања и во нејзината работа да вклучи надворешни експерти. Според неа, ова тело треба континуирано да го следи спроведувањето на Уставот, наместо да се активира само кога ќе се појави потреба од нови измени.
Претседателката се осврна и на европските принципи за почитување на националниот и културниот идентитет, еднаквоста на државите и добрососедските односи засновани врз реципроцитет.
Нагласувајќи дека пратениците ги претставуваат граѓаните и одлучуваат според сопственото уверување, таа порача дека барањето за промена на Уставот е особено чувствително прашање.
„Јас имам голем проблем да барам од вас да го смените Уставот“, им порача Сиљановска-Давкова на пратениците.






