Новата шефица на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Искра Хаџи Василева, вели дека во својот телефонски именик го нема бројот на премиерот, ниту на некого од неговите претходници. Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, таа рече дека обвинителството понекогаш мора да ја координира работата на повеќе институции и дека во тие околности е професионално оправдано да комуницира и со претставници на извршната власт.
„Јас лично немам број ниту од премиерот, ниту од сегашниот премиер, ниту од минати премиери, ниту пак од политичари, не. Меѓутоа, дали шефот на ’Организиран’ може да има комуникации и треба да има комуникација со претставници на институциите, општо зборуваме и пошироко, во тоа немам дилема, бидејќи нашата работа нужно го бара тоа и ќе го бара. Нашата работа подразбира понекогаш координирање на ситуации, координирање на работа на повеќе институции и органи. Оттука, само по себе тоа не го гледам како проблем“, рече Хаџи Василева.
Според неа, шефот на ОЈО ГОКК треба да внимава и на контактите со луѓе чие влијание доаѓа од бизнисот и од други центри на моќ. На дополнителното прашање дали има такви телефонски броеви во именикот, одговори: „Не, не.“
Хаџи Василева беше прашана и кому му должи за изборот.
„Никому, освен на моите колеги кои ме гласале и кои мислеле дека јас сум изборот за шеф на ова обвинителство“, одговори таа.
На потпрашањето дали му должи и на јавниот интерес, Хаџи Василева одговори потврдно и додаде дека изборот од колегите за неа е и чест и обврска да ги унапредува стандардите и достоинството на професијата.
Прашана дали во кампањата имало партиско-политички лобирања, Хаџи Василева рече дека до неа стигнале кулоарски разговори и дека претпоставува оти имало лобирања, но дека не знае дали биле партиски.
„Претпоставувам дека имало лобирања. Колку се тие партиско-политички или колку се една вкупност во однос на лобирањето на различни интересни групи, центри на моќ, бизнис-кругови, јас би размислувала во тој дел и пошироко, бидејќи такви беа тие, како велите, во кулоарите, муабетите“, рече таа.
„И за вас? И во прилог на вашата кандидатура?“, беше прашањето.
„Во прилог на мојата – не“, одговори Хаџи Василева.






