По повеќечасовна потрага, денеска, во 10:15 часот, во село Кален, во Мариовскиот регион, беше пронајден 62-годишниот планинар кој исчезна при планинарење во близина на село Лениште, општина Прилеп, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во акцијата биле вклучени полициски службеници, екипа на ТППЕ Прилеп, РЦУК Прилеп и Дирекцијата за заштита и спасување – Прилеп, со координација на Центарот за управување со кризи.
Настанот се случи вчера во попладневните часови, кога лицето, по пад и губење на свеста, во 16:47 часот се јавило на телефонскиот број за итни случаи 112, со цел да ја утврди точната локација на која се наоѓа. Притоа посочил дека се наоѓа помеѓу село Лениште и манастирот над селото.
Веднаш по пријавата биле известени надлежните полициски служби, по што полициска екипа излегла на терен и започнала потрага. Во дополнителен телефонски разговор, остварен во 17:10 часот, лицето информирало дека се движи кон село Лениште, но дека батеријата на мобилниот телефон му е при крај.
„И покрај преземените активности, до 18:30 часот лицето сè уште не беше пронајдено, а неговиот мобилен телефон беше исклучен. Потрагата беше интензивирана, со вклучување на дополнителни полициски службеници и екипа на ТППЕ Прилеп. Беше извршена и проверка на неговата домашна адреса, при што беше утврдено дека не се вратил дома“, велат од ЦУК.
По повеќечасовната потрага, утрово лицето е пронајдено во село Кален, во Мариовскиот регион. Веднаш по пронаоѓањето, екипа на граничната полиција се упати на терен со цел безбедно да го преземе и донесе.






