Традиционалната храна и производите со препознатливо локално потекло можат да им обезбедат поголема пазарна предност на домашните земјоделци, но и повисоки приходи за вложување во развојот на нивните стопанства. Ова го истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, на отворањето на саемот „Вкуси ја традицијата“, кој денеска се одржува кај Школка во Градскиот парк во Скопје.
Серафимовски посочи дека младите и дигиталните технологии можат да придонесат за развој на домашното производство, преку создавање нови преработки од локални производи и полесен пристап до потрошувачите во другите градови.
Тој најави и разработка на модел за поврзување на истражувањата на факултетите и институтите со земјоделските политики, со цел производителите да добиваат практични препораки за одгледување во услови на суша и високи температури. Меѓу приоритетите го посочи и зачувувањето на автохтоните сорти.
Осврнувајќи се на Предлог-законот за уредување на пазарите со земјоделски производи, министерот рече дека се предлагаат појасни правила за договорно производство и организиран откуп, со писмени договори во кои однапред ќе бидат утврдени условите за испорака и роковите за плаќање. Предвидена е и поддршка за здружување на помалите стопанства, за да настапуваат заеднички на пазарот и да имаат посилна преговарачка позиција.
Саемот „Вкуси ја традицијата преку домашна здрава храна“ е посветен на промоцијата на домашното производство и развојот на руралниот туризам. Програмата вклучува дегустации на традиционални и органски производи, како и музички и фолклорни настапи.
Манифестацијата ја организира здружението „Ж’та“ од Кавадарци, со финансиска поддршка од Министерството за земјоделство, кое преку Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2026 година обезбеди еден милион денари.






