Во интензивираните акции на Шумската полиција спроведени во октомври против бесправната сеча, транспортот и трговијата со дрвна маса од незаконско потекло, запленети се 734 кубни метри дрва и поднесени се 147 прекршочни и кривични пријави – информираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
„Најголем дел од одземената количина сочинуваат даб и бука, односно запленети беа 288 кубни метри даб и 274 кубни метри бука. Преостанатиот дел од запленетата дрвна маса опфаќа 51 кубен метар мешано дрво и 121 кубен метар техничко дрво (трупци)“, соопштија од ова министерство.
Во акциите против дрвокрадците, Шумската полиција привремено одзела 11 товарни и 15 патнички моторни возила, осум трактори, 13 приколки и 18 моторни пили, а до надлежните судови биле поднесени 122 прекршочни пријави, додека до Основното јавно обвинителство 25 кривични пријави.
„Од дрвокрадството заработуваат поединци, а штетата ја трпат сите граѓани. Затоа продолжуваме со засилените контроли и одлучно ќе се постапува против секоја незаконска активност со која се уништуваат шумите. Ќе бараме одговорност и од оние што бесправно сечат и од оние што ги препродаваат дрвата. Шумите се заедничко богатство и наша обврска е да ги заштитиме“, порача министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски.






