Нема пари за студентите и заштита на жените, но има милиони за партиски луксуз и маркетинг. “Ако во Македонија се стави ред, ако постои систем на казнивост и ако сите пари што се дрпаат од устата на народот се вратат во буџетот, ќе има пари за сѐ! Македонија има доволно ресурси да биде уредена и просперитетна држава”, порача претседателката на ЛДП и пратеничка, Моника Зајкова, во своето гостување во емисијата „Аргумент“.
Осврнувајќи се на студентските протести и мизерната субвенција од само 140 денари за оброк, Зајкова истакна дека е крајно цинично власта да им дели лекции за пристојност на младите додека ги крши сопствените закони – поради што ЛДП веќе поднесе тужба за непочитување на усогласувањето на студентскиот оброк.
„Не може премиерот да дели такви квалификации кога знаеме во реалноста каков е животот. Суштинската дебата не е само за платите, туку за тоа каков систем градиме. Ние имаме еден перверзен систем во кој што освен што се краде и никој не одговара, а ништо друго не правиме!“, истакна лидерката на ЛДП.
Зајкова ја разобличи лагата дека „нема средства“ во државната каса, посочувајќи каде всушност се слеваат народните пари: во стотици непотребни функции, заменици-директори, надзорни одбори, 26 национални координатори и илјадници службени возила, додека само за анкети неодамна се фрлени над 370.000 евра.
Особено остра беше реакцијата за институционалната негрижа кон семејното насилство и фемицидите: „17.500 потписи за три дена се собраа и добивме поддршка од граѓаните за воведување на електронската нараквица. Па, јас да бев министер, веднаш ќе го предложев законот и ќе ја воведев таа електронска нараквица! Меѓутоа, затоа што имаме луѓе кои очигледно се одлепени од реалноста и постојано измислуваат изговори дека нема пари…“
Во однос на новите скандалозни измени на Кривичниот законик, кои власта ги турка по скратена постапка зад грбот на јавноста, Зајкова предупреди дека тие служат исклучително за амнестија на функционерите, додека ЛДП бара воведување на строги рокови против застарувањето по хрватскиот модел.
„Ќе тргнам од оној либерален, а не популистички пристап, кој поаѓа од тоа дека треба за сите да има добри плати и пристојни услови за работа и живот, но и одговорност за оние што се впуштиле во лоповлук или, како што викаше некој, ги пуштиле ‘рачињата во медот’. Македонскиот народ можеби е сиромашен, но не е глуп за да ни ја потценуваат интелигенцијата. Мојата цел во политиката е да има за сите еднакво и затоа ќе се борам докрај“, заклучи Зајкова.






