Повеќе од потребниот број потписи се собрани за петицијата со која се бара воведување електронски нараквици за насилниците врз жените. Сега следува поднесување на предлог-законот во македонското собрание по трет пат, од страна на пратеничката Моника Зајкова, која сега, за разлика од претходните обиди, има силна поддршка од граѓаните.
Сето ова по бруталното убиство на малолетничката од Богданци кое предизвика силни реакции во јавноста и ги извади на улица женските здруженија на протест пред надлежните институции.
Но, што конкретно ќе значи воведувањето на електронските алки и дали тие ќе помогнат да се намали бројот на фемициди?
Според споредбените европски податоци што се објавуваат за фемицидите, земјава е над европскиот просек, што дополнително ја наметнува потребата од поефикасни механизми за заштита и навремено препознавање на ризикот. Електронската нараквица треба да овозможи сторителот да биде под постојан надзор, а жртвата да добие предупредување кога тој ќе се приближи до забранетата зона. Но, самото предупредување не значи и дека жената е безбедна. Потребни се институции што ќе го следат сигналот и ќе реагираат веднаш.
Адвокатката Неда Чаловска, која ги застапува предметите од родово базирано насилство, а јавноста ја знае и како адвокат на семејството на Ивана и Катја, смета дека електронскиот надзор е системски оправдано решение, бидејќи може да се поврзе со привремените мерки за заштита што ги изрекува граѓанскиот суд, без да се чека поведување кривична постапка.
– Предлог-измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство предлагаат електронски надзор со алки на сторителите на семејно насилство и насилство врз жени, која треба да ја донесе граѓанскиот суд. Сметам дека тоа е системски оправдано решение, бидејќи надзорот се поврзува со итните и привремените мерки за заштита и станува достапен независно од тоа дали ќе се поведе кривична постапка, во согласност со член 53 од Истанбулската конвенција. Мерката би се однесувала на лице пријавено како сторител, односно на сторител на кого му е изречена привремена мерка за заштита од граѓански суд. Станува збор за превентивна, а не казнена мерка, поради што не е условена од статус на осомничен или обвинет. Надвор од нејзиниот опфат останува кривичната постапка, каде што сметам дека исто така треба да има измени, со оглед на тоа дека електронски надзор сега е достапен при извршување на куќниот притвор. Со проширување на употребата на оваа мерка, односно електронските алки, во предмети на семејно насилство, би можела да функционира како дополнување на мерките на претпазливост до завршување на кривичната постапка или алтернатива на притворот. Секако, доколку се изрече во граѓанска постапка, истата нема понатаму да се изрече во кривична постапка и обратно, вели Чаловска.
Додава дека треба да се има предвид дека електронскиот надзор, сам по себе, не може да спречи фемицид.
– Тој е механизам за рано предупредување, чија ефикасност зависи од постоењето на 24-часовен центар за следење, од брза полициска реакција и од доследно санкционирање на прекршувањата. Во таа смисла, тврдењето во образложението на предлог-законот дека предлогот нема финансиски импликации ја доведува во прашање неговата практична применливост. Треба да се користи во случаи каде што има сериозен ризик, кој треба соодветно да биде проценет во процената на ризик која ја прават и МВР и ЦСР, е ставот на адвокатката Чаловска.
Новиот предлог за измена и дополна на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство се поднесува по третпат. Во претходното решение што го предлагаше, електронската нараквица требаше да ја предупредува жртвата кога сторителот ќе се приближи на помалку од 100 метри до одредено место. Целта беше забраната да не остане само судска одлука на хартија, туку нејзиното почитување да може технички да се следи и жртвата навреме да биде предупредена. Сега се најавуваат и дополнувања на решението, а останува да се види како ќе бидат уредени надлежностите, процената на ризик, контролата и финансирањето на системот. Особено е важно да се утврди дали електронскиот надзор ќе се применува само во случаи со висок ризик, кој ќе ја донесува мерката и кој ќе биде одговорен за реакцијата при активирање на алармот.
Како пример за тоа како може да функционира ваков систем се издвојува Шпанија, каде што електронскиот надзор се спроведува преку системот „Комета“. Кога судот ќе одреди забрана за приближување со електронско следење, сторителот добива електронска алка и дополнителен уред за лоцирање, а жртвата добива посебен мобилен уред преку кој може да биде предупредена доколку сторителот се приближи до забранетата зона.
Системот го следи почитувањето на судската забрана, а сигналите ги прима специјализираниот контролен центар „Комета“, кој работи 24 часа дневно, 365 дена во годината. Центарот го следи движењето на лицата, ги регистрира прекршувањата и комуницира со жртвата и надлежните безбедносни служби кога е потребна интервенција. Техничкото следење го врши приватна компанија ангажирана од шпанското Министерство за еднаквост, во координација со судовите, Обвинителството и полицијата.
Шпанскиот модел кажува дека за да функционира, потребни се посебен контролен центар, оператори кои постојано ги следат сигналите и полициски служби кои ќе интервенираат кога ќе се прекрши забраната.
Електронските алки можат да бидат важен дополнителен механизам за заштита, но нивната ефикасност ќе зависи од тоа дали државата ќе обезбеди систем што ќе функционира постојано и ќе реагира навреме. Бидејќи алармот дека насилникот се приближува има смисла само ако зад него стои институција што веднаш ќе постапи.
https://www.vecer.press/alka-za-nasilnikot-alarm-za-zhrtvata-koj-ke-ja-garantira-nejzinata-bezbednost/






